„Што да кажам за нашиот пат… им посакувам на сите родители да издржат во борбата со предизвикот… да се бориш за здравствена и правна помош за нашите деца во ваква состојба е многу тешко“ вели таткото Горан Стојчески кој 16-ет години се бори со институциите за неговото дете кое е со церебрална парализа. Горан испрати порака до институциите да не се присетуваат на нив и на овие деца, само во предизборните кампањи.
„Ние родителите имаме еден голем институционален проблем, мораме секоја година или на две години, некој дури и на шест месеци, да одиме повторно на преглед, да вадиме потврди, а губиме од работно време, губиме од слободни денови кои ги имаме или од одмор, за да извадиме една обична потврда за ослободување од партиципација за тие деца или лица“ вели Горан Стојчески, родител на дете со церебрална парализа
На денешниот инклузивен настан, на кој се дружеа децата со типичен и оние со нетипичен развој, активистот Денис Јанкуловски, кажа дека бројот на децата со аутизам е во огромен пораст. Кога станува збор за дијагностика и третман, земјава заостанува половина век зад развиените европски држави.

„Колку и да сакам да кажам дека генерално е општо или има подобрување во тој поглед, сепак има уште многу недостатоци за коишто најубаво ќе ви кажат самите родители кои што се тука и сите оние кои се подиректно засегнати со оваа проблематика. Ние здружението и сите овие што се дојдени на овој начин даваме придонес каде што сакаме да докажеме и еве штом сме 6-та година, веројатно сме на одлична патека во тој поглед, да покажеме и докажеме дека сите деца имаат право на нормално секојдневие“ вели Денис Јанкуловски, граѓански активист
Освен реформи во здравствените и правните служби, потребен е и тотален рефреш во образованието во однос на потреба од повеќе психолози и стручни кадри кои ќе се занимаваат со овие лица.
Давид Крстевски
