Реклама
Економија

Инфраструктурно се уредува индустриската зона „Металец“ крај Прилеп

По неколкугодишна стагнација, Општина Прилеп започна со активности за доуредување на Индустриската…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

По неколкугодишна стагнација, Општина Прилеп започна со активности за доуредување на Индустриската зона „Металец“, или попозната како „Прилеп 1“. Со средства во висина од 37,4 милиони денари, издвоени од Буџетот, проекциите се дека до крајот на септември ќе се заврши со доурбанизацијата на оваа зона, каде веќе стопанисуваат десетина индустриски капацитети кои вработуваат преку 1.000 луѓе.

„Како локална самоуправа работиме на индустриските зони и нивниот квалитет и подобрување на условите за стопанисување на прилепското стопанство. Седум метри широк коловоз, 973 метри во зоната би се завршиле… Се доуредува просторот на двете страни со по 2 метри широк тротоар, како што спомнав 973 метри заокружени во асфалт и сè во име на подобрување на условите за стопанисување, односно подобрување на стопанството во Прилеп“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Според Проданоски, во оваа зона сè уште има слободни парцели кои можат да бидат искористени за градење на нови индустриски капацитети. Токму затоа, од клучна важност е што поскорото инфраструктурно уредување на овој простор, но и решавањето на некои спорови за одредени приватни парцели, на што Општината веќе работи интензивно.

Реклама

„Очекуваме со подобрување на инфраструктурата, односно со завршување на градежните активности дека ќе ги предизвикаме и оние инвеститори кои што запреле во одредена фаза, купиле државно земјиште за да градат свои објекти, дека ќе продолжат понатаму со своите активности. А преземаме мерки и чекори во локалната администрација за да ги надминеме проблемите кои што ги имаат подолг период“, појаснува градоначалникот Проданоски.

„Се работи на Оска 1, на квадратура од околу 3.200 метри квадратни, која што е започната како прва фаза од изведбата, на која ѝ претходеше нова инфраструктурна мрежа, нови рамнини и ширина на коловоз од 7 метри и асфалтирање во два слоја – прв слој 9 см и втор слој 4 см. Во однос на динамиката за работа, согласно договорот, проектот треба да заврши до крајот на септември“, рече Филип Иваноски од „Изофас“.

Инаку, во Општина Прилеп постојат 4 индустриски зони: ТИРЗ „Прилеп-Алинци“, Индустриска зона Прилеп 1, Индустриска зона Прилеп 2 и Индустриска зона Прилеп 3, при што првата е државна технолошка зона, а останатите три се класични индустриски зони во рамки на Општината.