Никако да се искорени митаџиството во македонското здравство. На секои неколку месеци, како по некое непишано правило, мора да се појави некој нов случај на барање мито од пациенти. Во време на сериозен недостиг од доктори, барањето мито е класична злоупотреба на оваа хумана професија и треба итно и строго да биде санкциониран секој кој се служи со такви коруптивни дејствија, разочарано коментираат граѓаните.
„Јас се враќам на себе си. Имав еден здравствен проблем тука и ќе ме умреа, па бев во странство на операција…Тоа е тотална мизерија и жалосно за системот, немаме контрола никаква…Што се однесува до платата – треба да си бараат плата, а не да бараат мито“, – вели еден повозрасен граѓанин.
„Нема никаква контрола, јас мислам, а се слуша, и јас имам слушнато дека во Битола има една докторка на која треба да и’ дадеш 100 евра за да појдиш преку ред кај неа на преглед, веројатно таа е истата. Одамна е ова што се слуша, не е ново…Имаме се’ помалку доктори, ама треба контрола голема..Обавезно треба да се казнуваат, оти ако не го казниш, тој нема да се опамети“, – кажа друг граѓанин.

„Не знам, тоа е срамота, за мала сума да се срамиш, тоа е многу срамно“, – посочува анкетирана граѓанка.
Не поминаа ниту шест месеци од првиот случај со лекар-митаџија, во Клиничката болница во Битола веќе исплива и втор. 67-годишната битолска очна лекарка И.Д., се сомничи дека од пациент побарала и зела мито во висина од 100 евра. Таа е пријавена и приведена, откако кај неа биле пронајдени обележаните пари. „По претходно добиени оперативни сознанија и пријавен настан во СВР Битола истиот ден, извршен е претерс во службените простории кои што ги користи И.Д, како и личен претрес врз неа, пришто беа пронајдени пари кои потекнуваат од кривично дело. СВР Битола до ОЈО поднесе кривична пријава против осомничената И.Д., – информираат од МВР.
За овој случај се огласија и од Клиничаката болница каде очната специјалистка била вработена, притоа изразувајќи жалење, оградување и згрозеност од настанот. „Во согласност со Министерството за здравство итно е спроведена постапка за суспензија на осомничената лекарка се’ додека трае процесот на истрагата согласно важечките законски прописи. Поразителен е фактот што ова се случува во здравството, но она што охрабрува е дека ваквите срамни случаи добиваат јавност и законско постапување од државните органи“, информираат од битолската Болница.
„Со цел ефикасна борба против корупцијата, Министерството веднаш иницираше постапка за утврдување на одговорност“, велат од МЗ, истовремено упатувајќи и апел до граѓаните да продолжат да ги пријавуваат ваквите случаи преку веб-алатката „Пријави неправилности“.
Инаку, во март годинава, условно беше осуден и познатиот 64-годишен битолски хирург М.С., исто така вработен во Клиничата болница, зашто во јануари, по извршена операција на жолчно ќесе кај пациентка, преку посредник побарал и зел мито од 150 евра од синот на оперираната пациентка, кој пак, случајот веднаш го пријавил во Полиција.
