Се градат автопати, локлани патишта, мостови и пруги. Градежништвото е моторот на македонската економија. Тоа го покажуваат последните резултати изразено преку растотот на БДП. Повеќе од 1/5 од вкупниот раст се темели на активностите во градежниот сектор, а најмногу во делот на градење на инфраструктура. Градежниците се согласни дека со предвидените планови и динамика на градење на инфраструктурните проекти, се очекува уште долго време секторот да биде носител на економската активност.
„Факт е дека во Р. Македонија во еден ист период никогаш не се реализирале толку голем број крупни инфраструктурни проекти. Дополнително, пред нас се најавуваат и нови капитални проекти, особено во железничката и патната инфраструктура, што укажува дека инвестицискиот циклус во градежништвото нема да биде краткорочен. Оттука, очекуваме овој раст да не биде само моментален статистички резултат, туку тренд кој ќе продолжи и во наредниот период, а со реализацијата на новите инвестиции постои простор тој раст да биде и дополнително зголемен“, велиа Андреа Серафимовски, претседател на здружението на градежници при Стопанската Комора на Македонија.
За градежниците, овие политики ќе имаат и далекусежни позитивни промени, бидејќи ќе донесат посилни домашни компании, повеќе работни места, поголема економска активност и поширок позитивен ефект врз целокупната македонска економија. И унивзрзитетските професори стојат на ставот дека градежништвото е моторот на македонската економија. Градежниот сектор ќе повлече раст и на другите сектори, но тие велат дека сега е време, не само државата, туку и приватниот сектор да се охрабри да инвестира.

„Јас би бил посреќен кога би станувало збор за приватни инвестиции, кога државата не би го зголемувала своето задолжување кон домашните или странските банки. И токму затоа јас потенцирам на потребата повторно да се поработи на охрабрување на првиатниот сектор за поголеми инвестиции во бизнисот, затоа што само инвестициите се тие кои го хранат економскиот раст и од кои можеме да очекуваме долгорочни стапки на раст на БДП“, вели универзитетскиот професор Зоран Јовановски.
Со заеднички инвестиции на државата во капитални инвестиции, а приватниот сектор во својот сегмент, Македонија може да го достигне нивото од 5 проценти годишен раст. Ова според експертите ќе донесе и конкретен бенефит за граѓаните кои со вакви стапки на висок и одржлив раст, може и реално да очекуваат дека животниот стандард осетно ќе се подобри.
