Блерим Беџети молчи, Бујар Османи не одговара: дали промените во ДУИ ќе почнат со нивна политичка елиминација и дали воопшто ќе има промени? Ниту на телефонските повици од Алфа ниту на пораките до нив, одговор до овие вести не добивме…
На неодамнешната седница на Централното претседателство, ДУИ одлучи да формира Организациски одбор за одржување партиски Конгрес — најавен до 20-ти декември. Одлуката ги раздвижи шпекулациите: ќе има ли нови лица, дали ќе заминат долгогодишни функционери, и дали навистина партијата е подготвена за рестарт?
Се калкулира со имиња, се предвидуваат чистки и преструктурирања — но партиски извори велат да не се брза со прогнози. Потврдуваат само дека „се слуша“ за смена на кадри, промени во ограноци и влез на нови генерации. Но и самите признаваат — вистински ќе се види дури на конгресот дали новите имиња ќе бидат навистина нови, или само стари познати во нова амбалажа како продолжена рака на веќе познатите бардови на интегративицте.

Веќе се забележаа и првите поместувања , но прашање е дали се само симболички или пак најава за тотален ремонт на партијата. Блерим Беџети, доскорешниот градоначалник на Сарај, се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на Европскиот фронт. Истото го стори и неговата заменичка Арбана Пашоли. На нивно место доаѓаат Рина Ајдари и Дијана Тоска. Но дали ова се персонални рокади или почеток на поширока реконструкција?
ДУИ испраќа пораки за „нова енергија и враќање кон вредностите“, но дел од аналитичарите предупредуваат: смените ќе бидат бадијала, ако новите лица се само ,фигуратнивно, алтер егото на челниците на ДУИ. Членови од партијата веќе отворено бараат вистински пресврт.
Секретаријатот за еднакви можности од огранокот во Тетово испрати јасна порака до раководството:
„Бараме од раководството на партијата да преземе јасни чекори за да се осигура дека вредностите на интегритет, правда и посветеност се водилка во секоја одлука.“
Тие отворено изразуваат поддршка за Али Ахмети, но во тонот се чита потреба за длабока рекострукција — не само кадровска, туку и реторичка.
ДУИ со години беше доминантна сила во политички блок на албанската заедница во Македонија. Но поразот на последните избори го разниша тој монопол. Партијата веќе не е единствена опција.
Најголемиот политички ривал на ДУИ- ВРЕДИ, кои ги поразија на последните локални избори, реагираат со порака дека ахмети треба да прифати дека политички „потона“.
- „Дебаклот беше јасен како ден. Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат. Наместо да го прифатат крајот, тие измислуваат теории на заговор како што некогаш правеше нивниот пријател кој сега живее во егзил, Никола Груевски. Тие измислуваат имагинарни непријатели и следни „виновници“, но никогаш себеси. Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ стои во соопштението на ВЛЕН.
ДУИ стои пред Конгрес кој може да биде пресвртница — или само уште еден настан со внатрешно значење, но без надворешен ефект. Партијата е пред предизвик што го чекаа и други некогаш моќни структури: да избере меѓу вистинска трансформација или задржување на статус кво. Одговорите ќе се бараат до 20-ти декември.
