Со свечено потпишување на пристапницата во Европската асоцијација за асфалтни коловози (ЕАПА), што ќе се одржи на Градежниот факултет во Скопје, Друштвото за патишта на Република Македонија (ДПМ) и официјално ќе стане дел од европската стручна заедница во областа на патното инженерство.
Според најавата на ДПМ, пристапницата ќе ја потпишат претседателот на здружението, проф. д-р Горан Мијоски, и претседателот на ЕАПА, Словенко Хенигман.
Од Друштвото оценуваат дека членството во ЕАПА претставува значаен чекор за домашната патоградежна струка, особено во период кога во земјава се реализираат повеќе капитални инфраструктурни проекти и се градат автопатски делници.
Со зачленувањето, македонските патни инженери ќе добијат директен пристап до европските стандарди, современи технологии и добри практики во областа на асфалтните коловози, како и можност за поинтензивна размена на знаења и искуства со сродни институции и организации од Европа.
Друштвото за патишта на Македонија е формирано пред 59 години и ги обединува генерациите патни инженери, научници и практичари, а пристапувањето кон ЕАПА доаѓа во пресрет на одбележувањето на 60-годишнината од неговото основање.
На свеченоста се најавени обраќања на претставници на ДПМ, Градежниот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Европската асоцијација за асфалтни коловози и Министерството за транспорт.

