Реклама
Македонија

Додека власта го плаши народот дека заради опозицијата се оддалечуваме од ЕУ, реалноста е сосема друга

Власта ја користи секоја можност да ја обвини опозицијата зошто не дава…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Власта ја користи секоја можност да ја обвини опозицијата зошто не дава поддршка за уставните измени и го блокира патот до ЕУ. Секогаш кога сакаат да извршат притисок, да го исполниме она што им го ветивме на Унијата и Бугарија, без национален консензус, обвинуваат дека ќе останеме заглавени поради таканаречените темни анти-еу сили, и ќе останеме далеку од европските фондови. Но, и да се спроведат уставни измени, тоа не значи дека Македонија веднаш ќе влезе во ЕУ и веднаш ќе дојде до европските пари. Ако сакаме помош и поддршка од ЕУ потребни се коренити реформи.

Извршниот директор на Евротинк е дециден, уставните измени се услов за втората меѓувладина конференција, но отворањето и затворањето на поглавјата – низ кој процес исто така ќе имаме пристап до европски фондови, ќе оди рака под рака со борбата против корупцијата. За тоа, вели, Димитар Николовски потребна е политичка волја и храброст, да се справиме со криминално – коруптивните структури. Ова едноставно кажано, значи дека ако не испорачаме реформска агенда, нема ни да добиеме европски пари, што по автоматизам ја демантира тезата на власта- дека уставните измени ако не поминат ќе ни секнат и претпристапните фондови.

Кај нас целиот однос со ЕУ е условен од одредени критериуми. Сега тоа што е интересно е новиот план за развој за ЗБ, кој ќе биде условен за реформите. Во однос на овој план, секоја држава ќе треба да подготви една реформска агенда која ќе треба да ја поднесе до Комисијата, и која ќе треба да биде одобрена од таму. Тука ќе влезат реформи во однос на судството и борба против корупцијата. Мое мислење е дека Комисијата ќе инсистира, иако паметно би било Владата да не ги вклучи уставните измени во таа реформска агенда. Што се однесува до втора меѓувладина конференција навистина само уставните измени се услов, но за отворање и затворање на поглавјата, ќе бидат дефинитивно реформите, борбата против корупцијата. Тоа ќе биде прашање на политичка волја, и храброст да се справите со криминално-коруптивни структури кои се длабоко навлезени во сите пори на власта – вели извршниот директор на Евротинк.

Реклама

Според Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика, условите под кои што до сега ја користевме помошта и условите во новиот план за раст на Западен Балкан се различни.

Сега е многу поизразена условеноста за државите од ЗБ и таму точно се напишани условите за демократија, владеење на право, но не е само тоа туку е врзано со една реформска агенда која треба да ја одобри Комисијата – вели Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика.

Уставните измени, за сега не би требало да бидат пречка. Во врска со оваа помош за Западен Балкан од Комисијата се очекува да биде објективна во однос на подготвените реформски агенди, и да ги земе предвид заложбите на земјите во борбата против корупцијата, криминалот, владеење на правото. Ова не и оди во прилог на Македонија во моментот, бидејќи како земја односно институции, стоиме слабо во борбата со корупцијата.

Уставните измени, тие во моментот не се никаде изрично напишани како некаков услов, но во оној момент кога ќе станат дел од нашите национални планови, патокази итн, понатаму може да се создадат услови тие да бидат дел за користење на некои идни фондови. Сега, во последниот инструмент, нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е изрично поставена какко услов, што значи дека уставните измени кога ќе станат дел од некои национални документи, би можело да бидеме условени и со тоа. Факт е дека кога еднаш ќе помине целата процедура, имплементацијата на овие средства ја има Комисијата, и од Комисијата треба да се очекува објективност и низок степен на политизација. Комисијата е таа што се перцепира како објективниот имплементатор на условите за користење на помошта од ЕУ, би требало да бидат објективни – додава Ристеска Јорданова.

Преку Инструментот за претпристапна помош достапни се грантови за енергетската криза, макроекономска помош, поддршка за мали и средни компании, проекти во образованието, здравството.

Власта во последните месеци се почесто ја употребува реториката дека доколку ги спроведеме уставните измени, пристапот до европските фондови ќе се зголеми за 11 пати, мислејќи веројатно дека би влегле во ЕУ, само со уставните измени и заборавајќи на домашните задачи како борба против корупција, сузбивање на криминалот и еднаш засекогаш реформирано судство.