Според обемно истражување спроведено од Универзитетот за здравје и наука на Орегон, објавена во Клиничкото списание за гастроентерологија и хепатологија (Clinical Gastroenterology and Hepatology), оброците доцна навечер може да го изложат црниот дроб на опасност.
Претходните истражувања го поврзуваа јадењето доцна навечер со кардиоваскуларните тешкотии и дебелината, но истражувачкиот тим сега се обиде да утврди дали и оваа навика може да биде поврзана со заболувањата на црниот дроб. Истражувачите ги анализирале податоците од три големи национални истражувања, што опфатиле скоро 200.000 учесници. Тие дале информации за своите навики во исхраната, дневните рутини и други фактори поврзани со начинот на живот. Учесниците биле категоризирани врз основа на времето кога вообичаено јадат, а овие обрасци биле споредени со податоците за замастен црн дроб и цироза.
– Неколку научни трудови укажуваа на оваа можност, но ова е една од првите долгорочни анализи што експлицитно посочува на поврзаност со стеатоза – односно замастен црн дроб – вели главниот автор, д-р Роберт Вилечански, хепатолог специјализиран за трансплантација на црн дроб.
Резултатите откриваат постојана корелација. Поединците кои изјавиле дека јадат доцна навечер се соочуваат со 20 до 30 отсто поголем ризик од заболување на црниот дроб во споредба со другите испитаници. Ова го отвора прашањето за тоа како времето на оброците може да влијае на долгорочното здравје на црниот дроб. Можно објаснување е и она коешто се однесува на циркадијалните ритми на телото – внатрешни биолошки процеси што помагаат во регулирањето на сонот, метаболизмот и другите функции во текот на циклус од приближно 24 часа.
Анализата има набљудувачко својство, што значи дека иако се утврдени врски меѓу навиките во исхраната и здравствените показатели, не е директно испитана промената на времето на оброкот и можното спречување на заболувањата на црниот дроб. Натаму, испитувањата се потпираат на податоци пријавени од самите учесници, кои вклучуваат релативно општи описи за тоа кога јаделе. Овие ограничувања посочуваат дека забележаната поврзаност би можела да се објасни и со други фактори.
Сѐ на сѐ, истражувачите напомнуваат дека се потребни попрецизно контролирани испитувања, да се утврди дали избегнувањето на доцната вечера навистина го подобрува здравјето на црниот дроб.

