Од синоќа Струмица преку изложбата на монети од XIV до XX век седум века патува низ светската историја на парите. Во галеријата на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица на едно место се изложени повеќе од педесет монети и банкноти од балканските простори, Европа и Јужна Америка.

Според авторот, историчар и виш кустос Бранко Ѓоргиев, изложбата претставува вредно нумизматичко наследство како значаен извор за проучување на минатото и овозможува непосредно запознавање со историските сведоштва што ги носат монетите од разни временски периоди.

Најстарата монета е од 14 век, a другите хронолошки се до 20 век и го покажуваат развојот на одреден период. Некои од монетите се пронајдени на археолошки локалитети, други се откупени од граѓаните, а трети се подарени. Стручните лица ги обработиле, односно ги конзервирале, и на тој начин се подготвени за покажување пред јавноста, а подготовката на изложбата траела две години.

– Без разлика дали сте страстен колекционер или љубопитен почетник, оваа изложба ве води низ минатото и монетите како материјални сведоштва претставуваат нераскинлив дел од културното и историското наследство на секој народ. Нивната функција отсекогаш била повеќеслојна – покрај нивната економска улога, тие се и носители на симболика, власт, идеологија и уметнички израз. Преку нив може да се проследат тековите на трговијата, политичките промени, културните влијанија и секојдневниот живот на поранешните цивилизации – вели Ѓоргиев.

Монетите се изложени во повеќе стаклени витрини и со опис на нивното значење, а најголемо внимание кај присутните привлече британската монета, која потекнува од 1870 година. На неа е претставен ликот на кралицата Викторија. Тој што ја имал оваа монета во тоа време бил добро облечен човек.

Не помалку вредна е и османлиската монета – мантура (синџир со монети), потоа монетата Марија Тереза, монетата Франц I, американската монета, амајлии, монетата Леополд I, аргентинската монета, бугарската стотинка, грчката лепта, француските, потоа византиските, венецијанските и австро-унгарските, како и тие од времето на поранешна Југославија – добро познатите 100, 1.000 и 5.000 денари и банкноти од периодот на осамостојувањето на Македонија.




– Како сведоци на времето во кое настанале, монетите откриваат податоци за државите и владетелите што ги издавале, за економските и општествените односи, како и за културните вредности низ вековите. Нивните ликовни претстави, натписи и материјални карактеристики овозможуваат согледување на важни аспекти од политичката, социјалната и уметничката историја, додава Ѓоргиев.

Монетите се сведоци на историјата — мали метални артефакти што носат во себе приказни за царства, држави, економии и култури.


– Тие не се само средство за размена, туку и огледало на уметноста, технологијата и идеологијата на еден народ во одредено време. Од антиката до современата доба, секоја монета претставува уникатен документ што зборува за владејачите, симболите и вредностите на своето време. Оваа изложба има цел да им овозможи на колекционерите, историчарите, нумизматичарите и сите заинтересирани систематски и детално да се запознаат со разновидноста на монетите што се опфатени овде – посочува Ѓоргиев.
Во рамките на настанот беше промовирано и истоименото издание на Одделението за историја и историско-културно наследство при Музејот – Струмица. Каталогот содржи прецизни описи, фотографии, технички податоци и историски контекст, со што претставува значаен референтен извор за истражувачите, научната јавност, колекционерите и сите заинтересирани за историјата и културното наследство на регионот.
Проектот е реализиран со поддршка од „Државна лотарија“.

