Реклама
Прилози

До 2029 година, во Прилеп има можности да бидат изградени три затворени модерни трговски центри

За период од три години, односно до крајот на мандатот на оваа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

За период од три години, односно до крајот на мандатот на оваа локална власт, Прилеп има реални шанси да добие дури три затворени трговски центри. Според упатените, ова е една од мерките за поголемо раздвижување на локалната економија, која би имала и извесна туристичка компонента. Прилепчани, пак, поделени во размислувањата околу оваа идеја.

Некои сметаат дека, заради традиционалните навики на градот да се пазарува од Чаршијата, трговските центри надвор од градот тешко би просперирале, додека пак други се убедени дека тоа сериозно му недостига, особено што заради неработните недели, градот останува пуст, зашто граѓаните одат да шопингуваат во соседните градови каде веќе има молови.

„Тоа е добро. Подалеку од градот, понема сообраќај таму. Убаво е тоа да се направи… Еве во странство секаде е така, надвор се големите молови“.

Реклама

„За надвор од градот, тоа е ок. Ама, не знам, ние сме си сè уште традиционалисти и локал-патриоти, тука да ни биде, пред порта“.

„Мислам дека нема да функционира, сè што е подалеку од градот, од центаров, народот многу ретко оди… Еве го народов кај е“.

„Ќе замре градот ако се отворат такви. Мислам дека не му е на Прилеп потребно тоа… Битола, Кавадарци не знам како функционираат, ама за Прилеп, штетно ќе биде“.

„Ни треба, апсолутно ни треба. На секоја локација да се достапни, не еден, туку повеќе му требаат на градот“.

Од Општината засега не ги откриваат другите локации, ниту пак кажуваат за кои компании станува збор. Но уверуваат дека до 2029 година Прилеп ќе ги добие уште во предизборието ветените молови. Ова особено што преговорите со некои од реномираните заинтересирани компании веќе биле во тек.

„Ова ветување беше за рамка од четири години, но ќе си дозволам да кажам дека до мене стигнаа уште две нови иницијативи за формирање на такви retail-паркови, односно нови трговски центри во Општина Прилеп и јас се надевам дека до крајот на мандатот Општина Прилеп ќе има три затворени трговски центри, како никаде во Македонија“, открива Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку, веќе постоечката метална конструкција во Индустриската зона „Прилеп 1 – Металец“, како најсигурна локација за изградба на еден од предвидените молови, датира уште од 70-тите години на минатиот век и таму од неодамна, по повеќегодишна стагнација, ЛС започна со инфраструктурно уредување на зоната, за што од Буџетот ќе бидат потрошени 37,4 милиони денари, а со цел привлекување на нови стопански субјекти, покрај веќе десетината кои стопанисуваат тука со над 1000 вработени.