Реклама
Прилози

Да си подадеме рака како предците, заеднички да изградиме подобра Македонија – Честитки за 23 Октомври

23 Октомври е завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

23 Октомври е завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода. Со свечена академија државата го одбележа големиот празник Денот на македонската револуционерна борба. Пред преполната сала во Македонскиот народен театар премиерот Христијан Мицкоски порача дека секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода.

Нашиот македонскиот – иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби.

„Денес, кога го гледаме знамето како се вее, треба да знаеме дека тоа не е само парче ткаенина. Тоа е сведоштво за сите што паднаа, за да ние стоиме исправени. Тоа е завет што мора да го чуваме, и затоа на овој 23 Октомври да си ветиме едно на друго, дека  нема да ја изневериме нивната жртва, дека нема да го изневериме нивниот сон. Да си ветиме дека ќе ја чуваме Македонија во нашите мисли, постапки и срца“ вели премиер и претседател на Владата, Христијан Мицкоски

Реклама

Дел од политичкиот врв во земјава им го честиташе празникот на граѓаните. Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова потсети дека обврска на секој еден граѓанин е да го продолжи светото револуционерно дело преку грижа и заштита на вечните хумани принципи.

„Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа, во Европа. Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена: правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста“ напиша Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на Македонија

Овој ден не потсетува на стремежот за правда, еднаквост и општествена организираност во едно значајно историско време, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши.

„Во време на предизвици, важно е да го одржиме жив дијалогот, почитта и демократските вредности кои нè обединуваат како општество. Само преку соработка и инклузивност можеме да изградиме посилни институции и поправедна и поинклузивна држава. По тој повод, посакувам овој ден да ни биде повик за единство, граѓанска посветеност и заедничка заложба за иднината на нашата земја“ напиша Африм Гаши, претседател на Собранието на Македонија

Ниту лидерот на СДСМ, Венко Филпиче, ниту опозицската партија денеска не го честитаа големиот празник кој е прогласен за државен од 2007 година кога беше донесен новиот закон за државни празници. На 23 Октомври, далечната 1893-та во Солун била основана внатрешно македонската одринска револуционерна организација за издвојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.

Давид Крстевски