Реклама

Префрлена нова транша од унгарскиот кредит, досега пласирани 242 милиони евра

Хаосот со кравите во Крива Паланка ја премина секоја граница, ВМРО-ДПМНЕ му нуди готов акциски план на градоначалникот Митовски

Последниот бугарски цар „политички некоректен“ кон Радев: Местото на Македонија е во ЕУ, историјата да се остави на историчарите

Пензиите, игрите на среќа и наплатата на даноци во фокусот на пратеничките прашања

Цанов објави нови пораки од Ива Михајлова: „Сите ќе умреме уште вечерва“ – барала да го повлече видеото за наводните притисоци од ДАНС

Владата ќе ги модернизира патарините, дигитализацијата и вештачката интелегенција треба да бидат во функција на побрзо патување

На повидок раскол во ДУИ: Груби и Османи, преку свои верни пиони влегоа во отворен судир за превласт

30-дневен притвор за Кристијан Корабоски, кој до бесознание ја претепа Сара

Панел-дискусии во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав

Успешен старт на предвремениот откуп на тутунот – 435 денари за прва класа, најавено зголемување на субвенциите

Реновираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде отворен во јануари, од февруари сместување

„Јавачи на трагедии“: Во отсуство на идеи, СДСМ спасот го гледа во злоупотребата на народниот гнев

Македонија

Д-р Огненоска-Јанковска: Во патологијата нема откажување, се бориш, некогаш дијагнозата е на првата страница, ама ќе свртиш 10 круга додека стигнеш до неа

Патолозите се клучни за поставување точна дијагноза и одредување на соодветниот третман…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Патолозите се клучни за поставување точна дијагноза и одредување на соодветниот третман кај речиси сите заболувања. Без патолошката дијагноза, не може да почне ниеден современ онколошки третман. Патологијата не може за една минута или за два часа да даде резултат. Многу време и труд треба да се посвети за да се напише резултатот. Многу иследувања треба да се направат, да се консултираат колеги од Институтот на патологија за да се дојде до резултатот, вели во интервју д-р Билјана Огненоска Јанковска, специјалист по патолошка анатомија на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Таа посочува дека две комплементарни методи на патологијата се патохистологијата и цитологијата, кои се користат за поставување прецизна дијагноза, при што патохистологијата ги проучува промените на ниво на клетки, ткивна архитектоника и строма, а цитологијата испитува одделни клетки или мали клеточни групи од телесни течности и брисеви. 

– За да станеш патолог, треба, пред сè, многу да сакаш, да имаш желба, многу да учиш и да работиш. Во патологијата нема откажување, се бориш, затоа што некогаш дијагнозата ти е тука, во една книгичка на првата страница, ама ти ќе свртиш 10 круга додека стигнеш до неа. Таму нема откажување и во секој случај ние работиме, пред сè, за доброто на пациентите за да имаат добра дијагноза, со оглед на тоа што последниот потпис е наш. Ниту во светот, ниту во Европа, ниту кај нас, веќе три години не постои таканаречен Tumor Board, каде што нема патолог. Тој има значајна улога во дијагностиката, а сега веќе и во терапевтскиот принцип, и е првиот чекор до персонализираната медицина – наведува д-р Огненоска-Јанковска.

Реклама

Според неа, сложеноста на онколошките случаи влијае врз времето потребно за поставување дијагноза.

– Зборуваме за малигни тумори, без оглед дали се тие од мезенхимално, од епително или лимфопролиферативно потекло. Значи, без оглед на тоа – влијае, кога има висока суспекција. Од периодот на оперативниот третман, тоа е тој прозорец од 21 до 28 дена кога 95 отсто од случаите повеќето од патолозите во Македонија ги решаваат. Но, тоа тука не завршува затоа што има и терапевтски пристап, има имуно-таргет терапија и патолозите влијаат во дијагностиката. Молекуларните иследувања се сосема посебна категорија, тие понатаму ќе треба да бидат вклопени во самиот наод и бараат повеќе време – истакнува д-р Огненоска-Јанковска. 

Таа нагласува дека во државава има 49 патолози со активни лиценци за работа, што значи дека на 100.000 жители има 2,7 патолози. 

– Ја имаме најголемата лабораторија на Институтот за патологија, каде што доаѓаат најголемиот број материјали и каде што нашиот најголем професорски кадар е исклучително стручен. Деведесет отсто од професорите и од вработените таму остануваат надвор од работното време уште четири-пет часа, исто и тука, за да си ги завршат обврските и пациентот што побргу да го добие резултатот – вели д-р Огненоска-Јанковска. 

Сепак, посочува, кадровски би требало да бидеме зајакнати, но со залагање на професорскиот кадар од Универзитетот во Скопје, како и колегите професори во Штип, има голем интерес за патологијата, има речиси 12-13 специјализанти, што е одлична бројка. 

– Во однос на апаратурата со која располагаме, можам да кажам дека сме во чекор со европските и воопшто светските стандарди затоа што ние имаме NGS (Next-generation sequencing), има и на Институтот за патологија, каде што се прават најсовремените молекуларни иследувања. Мислам дека сме во чекор со светските стандарди, но сепак треба повеќе кадар за сето тоа да може поефикасно да се изврши, иако и со овој кадар што го има Институтот за патологија, ние како Онкологија, ГОБ „8 Септември“, се трудиме максимално да им излеземе во пресрет на пациентите – вели д-р Огненоска Јанковска во интервјуто. 

Патолошката дијагноза претставува еден од темелите на онколошкото лекување. Какво е местото на патологијата и цитологијата во современиот дијагностички процес, во што се состојат суштинските разлики меѓу патохистолошката и цитолошката дијагностика и колку информации за природата на заболувањето може да откријат само неколку клетки?

Патохистологијата ги проучува промените на ниво на клетки, ткивна архитектоника и строма. Можеме да одредиме степен на диференцијација, тип на тумор, одредуваме дали има емболиуси во лимфоваскуларните простори, дали се чисти рабовите, дали во лимфните јазли што се извадени има инфилтрација од малигната болест и тука одредуваме стадиум. Тоа е таа дефинитивна дијагноза што ја даваме со патохистолошкиот наод. А цитолошкиот наод е морфологија на клетките. Се изведува од течност, значи плеврална течност, асцит, потоа од земање брис од тироидната жлезда, од лимфните жлезди, од дојката, каде што преку анализа на не помалку од 50-ина клетки, во зависност од нивните морфолошки карактеристики, односно со односот меѓу јадрото, цитоплазмата, дали има јадренце и некоја митотска делба, можеме да сугерираме дека се работи за малигно заболување. Но, да заклучиме, не се конкурентни цитологијата и патохистологијата, туку се комплементарни. Значи, пациентка доаѓа тука со рендгенолошки наод, односно мамографски, ехосонографски наод, каде што стои дека е BI-RADS 5, што значи дека има висока суспекција за малигнитет. Тука се прави тенкоиглена биопсија, односно со тенка игла се зема брис од дојката и се става на стакла, се бои, има две специјални боења, барем во нашата институција, Papanicolaou и May-Grünwald-Giemsa. Двете стакла се бојат и се гледаат на микроскоп. Ако морфолошките карактеристики се со парцијални или целосни цитоморфолошки карактеристики на малигнитет, тогаш се пишува петта класификациска група, на пример, кај дојка, додека, на пример, има Bethesda-систем, каде што има шеста класификациска група и други, тоа е кај тироидеа, во зависност од органот. Се сугерира дека има карцином на дојка, каде што на рендгенолошкиот наод има дека е тоа, има цитоморфологија, не се базираме само на цитологија, каде што врз основа на тоа потоа хирургот презема дополнителни чекори врз основа на кои дефинира и оперира или, пак, се оди кај онколог, бидејќи сега имаме и неоадјувантна терапија, каде што пациентки првин се подлежни на неоадјувантна, односно на хемотерапија, па на оперативен третман и потоа ќе се види дали повторно треба хемотерапија. Воведена е и нова техника, цитологија базирана на течност (Liquid-based cytology), каде што, наместо на стакло, јас од шприцот го ставам во течен медиум, кој се обработува, имаме посебен апарат за течност базирана на цитологија и повторно на стакло гледам препарат од клетки. Предност е што тука можам од таа течност да направам имунохистохемиски иследувања, да одредам естроген, прогестерон рецептор, HER2-рецептор, да одредам дали се работи за малигно или бенигно заболување. Но, преку цитологијата не можам да откријам колку е проширена групата. Најчестото прашање на цитологија кога ќе напишам петта класификациска група, јас кажувам дека тоа е малигно, а пациентките ме прашуваат: „И сега мене болеста ми е во петти стадиум?“ Не! На цитологија јас не знам колку е раширена болеста, не знам дали ресекциските рабови се чисти, дали има лимфоваскуларна, не знам за што се работи, какви се потпазувните лимфни жлезди. Знам само дека се работи за малигно, затоа се комплементарни. Но, има и случаи, на пример, каде што пациентката имала претходно дијагностициран карцином на дојката, била лекувана во нашата институција и сега имаме плеврален пунктат, односно имаме течност што е таму. Кога ќе ја донесат таа течност со помош на Liquid-based, претходно имавме цитоспин техники, значи јас утврдувам дека тие клетки се високо суспектни, правам имунохистохемиска анализа врз основа на која онкологот дава терапија. Во разни ситуации различно можеме да ја искористиме цитолошката дијагностика, а сепак дефинитивната дијагноза е со патохистолошкиот наод, каде што одредуваме стадиум на болеста.

Колку време објективно е потребно за изготвување патохистолошки и цитолошки наод и кои медицински и технолошки постапки го определуваат времетраењето на дијагностичкиот процес?

Тоа е едно од најчестите прашања и најчестите жалби што ги имаат пациентите. Ако отидете на рендген, отидете кај клиничар и тој ќе каже дека има суспекција, особено за малигно заболување, ним секоја минута им е битна. Секоја минута изгледа дека е бескрај. Патологијата, за жал, и откога постои, па и натаму, не може за една минута или за два часа да даде резултат. Зошто? Како што претходно ви кажав, го примам примерокот, кој, ако е мала биопсија, core биопсија од дојката, тоа е парче извадено од дојката под анестезија, кое се става во 10-процентен формалин, кој на еден час продира 1 милиметар во ткивото, тоа може да биде три-четири милиметри, тоа значи дека од четири до шест часа е во формалин. Потоа од формалин се става во корпичка, па се става во ткивен процесор, што се обработува, па се калапи, се реже, значи преданалитичка фаза и дури тогаш, откога ќе се обои во апаратот, доаѓа кај мене на препаратот. Но, не е патологијата стави го стаклото на микроскоп и реши. Во 80 проценти од случаите, кога се работи за мали биопсии, може да се одговори побргу, од пет до седум дена, во зависност од капацитетот на лабораторијата, односно со колку материјали е оптоварена, колку патолози имаме, колку лаборанти имаме, дали е соодветен примерокот. Може да има и технички проблеми, тој да се распадне, да се случат некои работи, па да не може да се одговори. Има случаи кога интернистот, хирургот, сугерираат дека се работи за малигно заболување, а на првиот пресек не се гледа малигно заболување, па барам да се пререже уште еднаш, двапати, сето тоа е време. Секој случај е посебен. Значи, патологијата е токму тоа – чекорот на индивидуализирана медицина. 

Значи, ќе гледаме денеска 10 планоцелуларни карциноми, секој си е посебен и секој си има свои карактеристики. Кога ја прават таа тешка интервенција Верјтхајм (Wertheim) на матката, може да се земат 50 калапи, кои треба да се обработат тука, и полусерија, тоа се 100 стакла, кои треба во мир и тишина да се седне и да се види, прво, дали е тумор, дали тој е малиген, што инфилтрира, колку зафаќа од дебелината на ѕидот, да се проверат лимфните жлезди, кои тие често подлежат на полусериска обработка. Сега со новите методи, каде што патологијата веќе не е дијагностика, туку е и во терапевтскиот протокол, дали треба да се брои PD-L1, дали не треба да се бои, да се направи консултација со онколог и гинеколог, значи сето тоа за еден наод има до две, до три недели да се одговори комплетно и да ги има сите податоци. Никогаш не е во квантитетот, верувајте, во квалитетот е. Многу е подобро и да се почека малку, ама да се добие соодветно во разумен рок. Хирурзите и науката велат дека имаме операција, минимум треба да поминат 21 до 28 дена без каква било следна онколошка интервенција. Тоа е тој прозорец во кој ние треба да ги дадеме сите податоци на пациентот и нормално на лекарот што потоа ќе ја одреди терапијата и ќе продолжи со лекувањето. Сложено е и затоа кај нас некогаш се очекува тоа да биде многу бргу. Да, имало случаи кои може да се одговорат и за 24 часа и 48 часа, не велам не, но некогаш има ситуации во кои ти треба консултација, каде што не си сигурен, каде што има атипични карактеристики, имало и ситуации во кои се сомневаш меѓу бенигно и малигно. Се случува да има атипични тумори и тумори со несигурно малигно значење, со несигурен малиген потенцијал. Многу време и труд треба да се посвети за да се напише резултатот, многу иследувања треба да се направат, да се консултираат колеги од Институтот на патологија за да се дојде до резултатот.  

Со какви кадровски предизвици се соочува патолошката дејност во Македонија и какви последици има недостигот од специјалисти врз достапноста и навременоста на дијагностичките услуги?

Лекарскатра комора дава податок според кој во 2025 година имало 49 патолози во државата со активни лиценци за работа. Тоа значи дека на 100.000 жители има 2,7 патолози. Ја имаме најголемата лабораторија на Институтот за патологија, каде што доаѓаат најголемиот број материјали и каде што нашиот најголем професорски кадар е исклучително стручен. Деведесет отсто од професорите и од вработените таму остануваат надвор од работното време уште четири-пет часа, исто и тука, за да си ги завршат обврските и пациентот што побргу да го добие резултатот. 

Сепак, кадровски би требало да бидеме зајакнати, но со залагање на професорскиот кадар од Универзитетот во Скопје, како и колегите професори во Штип, има голем интерес за патологијата. Има речиси 12-13 специјализанти, што е одлична бројка. Значи, нашиот стручен, професорски кадар, веројатно, им ја разбудил мечтата дека и во патологијата има нешто да се работи, така што тоа е позитивен сигнал. Некогаш имаме и технички проблеми, нормално, апаратот нема да работи, некогаш ќе задоцнат некои реагенси, некогаш ќе им истече рокот, значи тоа се тековни работи, но тие не треба да влијаат и да бидат оправдување зошто ние би држеле, на пример, некој наод толку долго. 

Со каква апаратура располагате, дали е таа во чекор со светските стандарди? 

Во однос на апаратурата со која располагаме, можам да кажам дека сме во чекор со европските и воопшто светските стандарди затоа што ние имаме NGS (Next-generation sequencing), има и на Институтот за патологија, каде што се прават најсовремените молекуларни иследувања. Мислам дека сме во чекор со светските стандарди, но сепак треба повеќе кадар за сето тоа да може поефикасно да се изврши, иако и со овој кадар што го има Институтот за патологија, ние како Онкологија, ГОБ „8 Септември“, се трудиме максимално да им излеземе во пресрет на пациентите. 

Како се проценува реалното професионално оптоварување на еден патолог и зошто бројот на обработени случаи или микроскопски препарати не може да биде единствениот критериум за мерење на неговата работа?

Англискиот Кралски колеџ прави оптоварување и таму доаѓаат до некоја цифра колку реално треба патолог или цитолог да гледа наоди. Во некои земји имаме поделба на цитологија и патологија, а кај нас цитологијата е во рамките на патологијата. Не е исто вие да седнете да гледате ситни биопсии, кои се, на пример, поедноставни, со еден пресек или со два пресеци, или да имате, на пример, оперативен материјал, како што напомнав, со 100 стакла. Некој ќе каже: „Тој гледал 25 наоди, а друг еден наод“. Но тој еден наод има толку параметри, податоци, така што не може на некој соодветен начин да се каже колку е реалното оптоварување на патологот. Можеби ќе гледаме четири, пет оперативни материјали со 10 биопсии, ама сè ова е шпекулација и секој ден е поинаков затоа што не знаеме што нè чека. Имало случаи, кога сум била помлада, на пример, ќе дојде некој што ќе побара побргу да се види наодот за интервенција и јас ќе кажам „Утре, задутре, ќе го решам наодот“. Кога ќе го ставам тоа на стакло и кога ќе го види моето око, не утре, задутре, туку 10 дена ќе поминат и тука веќе почнуваат паниките затоа што првин го гледаш туморот, кој е со атипични карактеристики, го боиш, па дополнително правиш консултации и времето поминува.

Дали постојат меѓународно прифатени модели за процена на работното оптоварување?

Значи, во САД имаат такви модели за сложеност и ги даваат со бројки, мислам дека кај Англичаните тоа е 36, кај што треба 15-20 ситни биопсии плус два или три оперативни материјали во текот на денот да се обработат и тоа е тоа реално оптоварување. Тие не го прават тоа за да докажат дека патолозите не работат, туку за да прекинат да работат од причина што окото се заморува. Ние некогаш сакаме премногу, ќе седнеме од изутрина, ќе гледаме, ќе земеме материјали, јас ќе одам на пункции, ќе земам материјал, па ќе го гледам тоа, па после имам имунохистохемија, па тука имало нешто тековно што се случува… Попладне, и покрај заморот, ако немам обврски, пак ќе седнам да гледам наоди, но така дијагнозата добива на квантитет, а се намалува квалитетот. Затоа и ги прават тие модели за процена на работното оптоварување.

Како сложеноста на онколошките случаи влијае врз времето потребно за поставување дијагноза?

Влијае, затоа што кога зборуваме за онколошки случаи, зборуваме за онколошки препарати, зборуваме за малигни тумори, без оглед дали се тие од мезенхимално, од епително или лимфопролиферативно потекло. Значи, без оглед на тоа – влијае, кога има висока суспекција. Од периодот на оперативниот третман, тоа е тој прозорец од 21 до 28 дена кога 95 отсто од случаите повеќето од патолозите во Македонија ги решаваат. Но, тоа тука не завршува затоа што има и терапевтски пристап, има имуно-таргет терапија и патолозите влијаат во дијагностиката. Молекуларните иследувања се сосема посебна категорија, тие понатаму ќе треба да бидат вклопени во самиот наод и бараат повеќе време. 

Какви можности отвора течнобазираната цитологија (Liquid-Based Citology – LBC) и во која мерка современите цитолошки техники ја унапредуваат дијагностичката прецизност? 

Течнобазираната цитологија е гинеколошка и негинеколошка. Значи, гинеколошката ја работат на Клиниката за гинекологија. ПАП-тестовите сега ги работат по Liquid-based cytology, а ние работиме тука на нашата клиника негинеколошка, што значи добиваме течности од плеврални пунктати, од асцит, тенкоиглена биопсија на лимфни жлезди, масни ткива, мекоткивни тумори, тумори на дојка, тироидеа, препарати од тироидеа, течност од колено. Значи, освен тоа што ќе се види дали се работи за малигно или бенигно заболување, има можност да се направат дополнителни имунохистохемиски и молекуларни анализи. Но, сепак, патохистологијата е дефинитивна дијагноза. Тоа е комплементарна метода која помага и само во одредени случаи, како што ви раскажав за карциномот на дојката и за плевралниот пунктат, може да има и терапевтско значење, главно е во дијагностиката. На пример, имаме метастатски депозит во лимфна жлезда, кој е боцнат и се гледа дека има епителни клетки меѓу лимфоцитите и се знае дека се работи за метастатски депозит од некоја епителна неоплазма. Со Liquid-based е дозволено да се направи имунохистохемиска анализа или има уште една втора метода, ќе ја објаснам и неа, и преку тоа да се одреди од каде е потеклото на малигната неоплазма. Освен тоа, се прави и клеточен блок. Тоа е од препарат од цитолошка анализа да направиш хистолошки препарат. Се става материјалот во епендорф, се става формалин, плазма и се добива хистолошки препарат на кој може да се направат дополнителни имунохистохемиски, молекуларни иследувања, со што се дефинира природата на болеста. Но, со цитологија не може да се одреди стадиумот на болеста. Тоа е најчестото прашање што му се поставува и кога ќе биде резултатот. 

Какво е значењето на тенкоиглената аспирациска биопсија и минимално инвазивните цитолошки постапки во дијагностиката на неопластичните заболувања?

Тенкоиглената биопсија во нашата држава има богата традиција. Таа техника почнал да ја изведува професор Ѓорѓи Ставриќ во 1968 година кога се отворила оваа лабораторија и сè уште се работи. Во голем број европски земји ја прават радиолозите. На пример, кај нас, во Хрватска, Бугарија, Норвешка ја прават и патолозите. Нејзиното значење е во тоа што патологот зема примерок од дојката, тироидеата, лимфната жлезда, мекоткивниот тумор, го испитува и одредува дали се работи за малигна или бенигна и врз основа на тоа има класификациска група 1, 2, 3, 4, 5, 6, во зависност од која класификација ќе ја примениме и за кој орган се работи. Таа е почетна дијагностика врз основа на која пациентот и клиничарот се запознаваат со што имаме работа. Сега имаме дополнителни имунохистохемии, молекуларни, затоа што имаме и случаи што се иноперабилни, кои сè уште ги има и доаѓаат. Ќе се појават со дојка во распад, каде што воопшто не е можна хируршка интервенција кај таа пациентка, така што со цитологијата, односно со тенкоиглената биопсија, дали со клеточен блок, дали со Liquid-based се поставува дијагноза, се одредува терапевски параметри преку естроген, прогестерон рецептор и HER2/neu и онкологот во тој случај лекува. 

Зошто одредени дијагностички случаи бараат дополнителни испитувања, проширени имунохистохемиски панели или консултативна експертска процена?

Затоа што имаат атипични карактеристики. Кога седнуваме на микроскоп, не секогаш ја гледаме познатата слика што ја имаме веќе во мозокот, гледаме нешто што досега првин може и не си го видел и не си го прочитал. Во патологијата буквално секој ден се учи, се чита и се бараат нови работи, се прават анализи.

Каква е улогата на патологот во мултидисциплинарното одлучување и во дефинирањето на оптималната терапевтска стратегија за онколошките пациенти?

Улогата на патологот е голема. Ниту во светот, ниту во Европа, ниту кај нас, веќе три години не постои таканаречен Tumor Board, каде што нема патолог. Патологот има значајна улога во дијагностиката, а сега веќе и во терапевтскиот принцип, и тој е првиот чекор до персонализираната медицина. 

Дали при секое заболување е значајно присуството на патологот? 

Да, значајно е. Зборуваме за онколошките случаи затоа што на самиот Tumor Board, освен што, на пример, хирургот презентира каква операција направил, зошто ја направил, првин мора да има биопсија, односно да се потврди дека се работи за малигна неоплазма, после тоа има операција, има оперативен наод, каде што се одредува стадиумот на болеста, за да може онколог после тоа да лекува. Онкологот не може да лекува без патохистолошки наод и плус има дополнителни маркери со имунохистохемија и молекуларна патологија врз основа на кои се одредува целната имунотерапија. 

Колку тоа влијае на патологот како дел од тимот, кој има толку голем обем на работа, дали има доволно времето сè да сработи?

Никогаш не е доволно времето, особено во областа на патологијата. Патологијата е една фундаментална дисциплина во медицината. Кога студиравме викаа: „Положи анатомија, физиологија, патологија и патофиза и ти си доктор“, значи половина доктор. Да не се сфати дека имам некакво потценување… За да станеш патолог, треба, пред сè, многу да сакаш, да имаш желба, многу да учиш и да работиш. Значи, специјализацијата е пет години, кога континуирано работиш. Јас имав голема среќа што имав професори што инвестираа во мене. Исто така, и овие специјализанти од Институтот за патологија, значи нивните професори одвојуваат време и знаење и надвор од работното време за да инвестираат во нив. Треба да се работи од шест до осум часа најмногу затоа што потоа се преоптоваруваш и настануваат грешки. Најважно кај грешката кога ќе се направи е да не се повтори и да научиш од неа каде си згрешил за да не дојде до нејзино повторување. Ние тоа си го учиме на тој начин со тоа што ќе седнам попладне, ќе гледам навечер, ми се случувало и да доаѓам и по 20 часот и по 22 часот за да изгледам некој препарат, па изутрина во 6 часот да стигнам тука за нешто што требало да се види, но кога ја немаш доволната концентрација и не си во квалитетна состојба, нема да се добие соодветниот резултат. Треба да се има концентрација, да се заврши таа работа како што треба и да има квалитет. 

Што ќе им советувате на специјализантите имајќи предвид дека патологијата е една од најсложените и најважни медицински гранки бидејќи го претставува мостот меѓу основните биолошки науки и клиничката пракса?

Колегите и професорскиот кадар, Катедрата по патологија како дел од Институтот по патологија, не сакам да излезе дека ние се фалиме, но е најдоброто што сме го имале и се надевам дека генерациите ќе достигнат повеќе како претходните професори, кои се столбот на патологијата. На специјализантите е да работат, да се трудат и да бидат амбициозни буквално за целата работа, затоа што тоа е битно. Сите ние сме го поминале тој пат и во патологијата нема откажување, се бориш, затоа што некогаш дијагнозата ти е тука, во една книгичка на првата страница, ама ти ќе свртиш 10 круга додека стигнеш до тоа. Таму нема откажување и во секој случај ние работиме, пред сè, за доброто на пациентите за да имаат добра дијагноза, со оглед на тоа што последниот потпис е наш. 

Какви перспективи отвораат дигиталната патологија и вештачката интелигенција и дали нивната интеграција ќе го промени начинот на кој се поставуваат дијагнозите во иднина?

Најновото е дигиталната патологија кога на скенер се поставуваат стаклата, се снимаат стаклата, потоа тоа се префрла на компјутер, на кој во висока резолуција ги добиваш сликите, значи веќе не е на микроскоп, туку тоа го гледаш на компјутер. Mоже да има и онлајн консултации за одредени случаи, значи да можам да се консултирам и да бидам секаде буквално, да знам што се работи, да ми дадат некоја насока некогаш во некој случај. Од друга страна, ја имаме вештачката интелигенција, која сега моментно е најупотребувана алатка секаде. Таа може да ти помогне, на пример, пролиферативен индекс на клетки одредуваме со едно антитело Ki-67. Значи, со тоа да ти ги преброи клетките, да ти каже колку од 150 клетки се позитивни, дали се 50, 53, тоа е точно. Тоа е time-saving. Но, дека вештачката интелигенција ќе постави целосна дијагноза и дека ќе го замени патологот, тоа не е возможно. Мислам дека никогаш нема да биде возможно затоа што, сепак, и без разлика колку и тоа да биде, нели велат, ги хранат со слики, со сето тоа, да, тој ќе ти даде сугестија дека може се работи за тоа и тоа, но сепак твоја е работата. На крајот, потписот треба да биде твој, одговорноста е твоја. Алатка како помош – да, но целосно потпирање на неа – не. Никогаш патологот не може баш да биде заменет, па и кој било друг лекар.