Доколку е законски регулирано и транспарентно, тогаш лобирањето е дел од процесите на демократијата и како такво може непречено да се одвива, но потребно е сите инволвирани страни да бидат правилно информирани.
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, денеска ги презентираше резултатите од медиумската кампања за подигнувањето на јавната свест за лобирањето, кое и по 3 години од донесувањето на законската регулатива останува во доменот на сивата зона.
– Овие резултати покажуваат дека регулираното лобирање и транспарентноста имаат одек кај јавноста. Комбинацијата од голем досег, повторливо прикажување на пораките и висока вклученост ни овозможи ефективно да ја претставиме темата пред граѓаните, да ја подигнеме свеста за важноста на транспарентното лобирање и да го поттикнеме интересот на јавноста за тековниот реформски процес. Генерално, дигиталната кампања обезбеди цврсти темели за идните напори насочени кон промовирање на транспарентноста, отчетноста и јавното разбирање на регулираното лобирање во Република Северна Македонија – вели Чучуљ.

Претседателот на ДКСК посочи дека досега во Македонија е регистрирано едно лице за обавувањето на дејноста лобирање, а за да оваа дејност стане практично применлива потребно ќе биде и дополнително усогласување на законската регулатива.
– Целта и на овој закон, како и на нашите европски партнери кои го промовираат, е влијанието што се врши врз носителите на јавни одлуки да биде евидентирано и транспарентно. Токму тоа е суштината на лобирањето. Дополнително, покрај фактот што веќе имаме прв регистриран индивидуален лобист, веруваме дека постојат многу повеќе лица кои вршат лобирање, но не се регистрирани и нивните податоци не се јавно достапни – додаде тој.
Кампањата за подигање на јавната свест за лобирањето во земјава, е во соработка со ИПА Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Срѓан Ивановиќ
