Нека ни е честит 9 Мај-Денот на победата над фашизмот, најголемото зло на дваесеттиот Век! Денес, после 81 година, се потсетуваме на денот кога црвеното знаме на слободата се развеа над урнатините на тиранијата, означувајќи го триумфот на работништвото, прогресивните и слободарски сили и обединетите народи против смртта, робството, експлоатацијата и омразата. Ова не е само датум од историјата, туку симбол на победата на човекот над варварството и мракот, се вели во честитката по повод Денот на Европа од Социјалистичката партија.
Со посебен пиетет, гордост и восхит се поклонуваме пред делото на нашите партизани и борци од Народноослободителната војска на Македонија. Тие не само што го победија бугарскиот фашистички окупатор, туку ја поведоа и социјалистичката револуција која го разбуди поробениот македонски народ.
Како што пееше големиот Кочо Рацин, повикувајќи го работниот народ да ја пресретне бурата и да ја изора земјата за ’радост и песна‘, така и нашите борци во НОБ со пушка и идеали ја донесоа пролетта на слободата.

Преку крвта пролеана на боиштата од НОБ, македонскиот работник и селанец, организирани во Народниот Фронт, извојуваа право да бидат господари на својата судбина и да ја изградат својата слободна република. Нивниот труд и жртва денес се темелот на нашата социјална и национална слобода.
На темелите на АСНОМ-ска Македонија, низ социјалистичката изградба, научивме дека слободата е вистинска само кога е придружена со социјална правда, еднаквост и взаемно почитување меѓу народите.
Антифашизмот не е само минато, туку постојана борба против секоја форма на угнетување, национализам и неправда во денешното општество.
Денес, кога се соочуваме со нови предизвици, нека ни биде пример непокорот на нашите револуционери. Да ги чуваме придобивките од борбата на македонските партизани од 33-те бригади, 8-те дивизии и 3-те корпуси и да не дозволиме да избледе споменот на оние кои паднаа за да изградат свет на еднакви.
Во мигови кога тишината е најгласна и кога сеќавањата навираат, восхитени од нивната невидена пожртвуваност и смелост, длабоко се поклонуваме пред македонските паднати борци.
Слава им!
Смрт на фашизмот-слобода на народот!
Честит 9 Мај!
