Реклама
Свет

🎥 Балканот гори – Пожари во Бугарија, Грција, Албанија, Турција, Црна Гора

Од огромни пожари во Бугарија, Грција, Црна Гора, Албанија и Турција, до…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Од огромни пожари во Бугарија, Грција, Црна Гора, Албанија и Турција, до страшно невреме во Србија и Хрватска. Балканот се бори со временските неприлики, но и човечкиот фактор кој доминира во подметнување на пожарите. Најстрашно е во Бугарија. Таму беснеат 240 пожари, а премиерот Жељазков веќе побара помош од Европската Унија во гаснењето. Тој вели дека дури 95% од пожарите се предизвикани од човечка рака. Најголем е пожарот кај Струмјани, во близина на Сандански, каде што се активирани воени хеликоптери и вклучени се 50 воени лица од Министерството за одбрана. Жители се евакуирани од пожарот во селото Тран во близина на српската граница, а пожарот кај Лесово веќе ја премина границата со Турција.

„Во 8 часот наутро, турските колеги влегоа на наша територија, кои работат од моментот кога влегоа на нашата територија долу кај пожарот во Лесово. Тие имаат три водни топови, две противпожарни возила и работат многу интензивно во моментов“ – вели Тони Тодоров – заменик министер за внатрешни работи на Бугарија.

„Во Струмјани, сите села во подрачјето на пожарот засега се обезбедени. Досега, никаде не била потребна евакуација на луѓе. Луѓето од трите погодени села во Тран се евакуирани. Вкупно, таму изгореа околу 40 згради. Околу 20 луѓе се евакуирани и престојуваат кај роднини“ – вели Захари Васков – директор на ГДНП.

Реклама

Грција се бори со пет големи пожари. Главниот град е облеан со чад, а властите веќе евакуираа жители од подрачје оддалечено само 30 километри од Атина. Поради сериозноста на ситуацијата, грчката Влада побара и помош во гаснењето на огнената стихија од Европската унија. Грција ја зафати топлотен бран како и Македонија, со температури кои денеска ќе достигнат и 44 целзиусови степени. Десетина пожарникари се повредени, а освен во Атика, пожари беснеат и на Пелопонез, како и на островите Евија, Крит и Китира. Изгорени се илјадници хектари шума, угинати се илјадници грла добиток, уништени се десетина четири куќи и една црква, изгорени се и возила, штали, маслинови насади.

„Пожарот почна во Дросопиги, во долината некаде и многу брзо, поради ветрот, го зафати и ридот на кој веќе имаше пожар и сега се шири кон Крионери. Ветерот е ужасен. Гледајте што се случува овде, брзината. Во еден момент пожарот е овде, во друг од спротивната страна. Се се случува многу брзо“ – вели Петрос Аврамопулос – жител.

„Ако ја напуштевме куќата, ќе изгореше скроз. Денеска останавме. За секунда огнот беше десно, па лево, па околу нас, не опфати комплетно. Почнавме да викаме да го изгаснат, бидејќи куќата ќе гореше. За малку ќе останевме без дом. Мора да им се заблагодариме на волонтерите и пожарникарите кои дојдоа веднаш. Имавме многу среќа“ – вели Марија Пападоманолаки – жител.

Нов голем шумски пожар и во Турција, во регионот на Бурса. Досега таму се евакуирани 1.300 луѓе, бидејќи пламените јазици стигнаа до станбените комплекси на градот.Над 500 спасувачи се на терен. Огнот се гасне од копно и од воздух, но температурите и до 50 степени ја отежнуваат работата. Пожарникарите се борат со уште еден голем пожар во северозападната провинција Карабук, кадешто досега 14 села се евакуирани.

Поради удар од гром, изби голем шумски пожар и во Црна Гора на тиватскиот дел од полуостровот Луштица кој се протега во должина од неколку километри. Пожарот е делумно ставен под контрола и е спречено ширењето кон плажата Алмара. Неодамна отворената плажа Азуро е затворена. Надлежните информираат дека ситуацијата со пожарот на планината Ловќен во јужна Црна Гора е подобрена по интервенцијата на пожарникарите од Цетиње и Котор. Со оглед на неколкуте активни пожари во земјата, градските власти од Тиват се загрижени дали државата ќе успее да обезбеди навремена помош за Луштица.

Огромни пожари веќе неколку дена ја пустошат Албанија. Таму дневно се регистрираат во просек по 25 пожари, а досега изгорела површина од над 450 хектари. Во земјата е прогласена вонредна состојба, а ситуацијата е особено критична во приморскиот одморалиште Борш на брегот на Јонското Море на југот од земјата. Ситуацијата околу градот Валона, особено во населбата Канина, моментално е под контрола.

И додека сите овие држави се мачат со пожарите, свежиот бран предизвика бура во Србија и Хрватска. Градовите Крагуевац, Пожаревац, Чачак и Костолац беа погодени од силна бура проследена со ветер, град и дожд, што предизвика значителни штети, откорнување на дрвја и прекин на електричната енергија. Делови од Хрватска, пак, беа погодени од пороен дожд што предизвика поплави, а на некои места паѓаше град со големина и до пет сантиметри.