Реклама
Македонија

Анализа за изборот на ново раководство на СДСМ: нова епизода – истата серија

Нова епизода – истата серија. По најавите за нов почеток и масовните…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Нова епизода – истата серија. По најавите за нов почеток и масовните оставки во СДСМ, изборот на новото раководство отвори повеќе прашања отколку што затвори. Наместо јасен сигнал за пресврт, составот што излезе од Централниот одбор испрати порака на континуитет – со истата кадровска логика, само во нов распоред.

Во новото раководство централна улога добија двајца потпретседатели. Јована Тренчевска, актуелна пратеничка и поранешна министерка за труд и социјална политика во владата на Димитар Ковачевски, е избрана за потпретседателка на СДСМ. Вториот потпретседател е Александар Трајановски – член на претходниот Извршен одбор, специјалист ортопед и трауматолог и поранешен кандидат за градоначалник на Општина Аеродром, кој ги загуби изборите, но доби висока партиска функција.

Изборот на Трајановски, според партиското раководство, не бил изненадување. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, уште по локалните избори најави дека ќе го предложи за потпретседател, со образложение дека имал „одлична кампања“ и привлекол „големо внимание“.

Реклама

Континуитетот е јасно видлив и во клучните организациски позиции. Александар Саша Димитријевиќ останува генерален секретар, а Љупчо Фармаковски повторно ја презема функцијата организациски секретар.

Најмногу анализи, сепак, отвора составот на Извршниот одбор. Иако претставен како спој на млади и искусни кадри, во биографиите на дел од членовите се повторува иста линија – оска на поранешни директори и функционери од системот.

Во Извршниот одбор влегуваат поранешни директори на казнено-поправни установи, меѓу кои Александар Наумоски, поранешен градоначалник на Ѓорче Петров и екс директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, како и Филип Андов, кој, според обвинението, е опфатен со судска постапка поврзана со злоупотреба на службената положба.

Во истиот контекст е и Драган Крајовски – поранешен директор на битолскиот затвор „Црн мост“ и екс претседател на општинската организација на СДСМ во Битола, разрешен во октомври 2024 година. Локалните медиуми потсетуваат и на неговата блискост со поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство.

Паралелно со кадровските решенија, повторно се отвори и прашањето за враќањето на Јон Фрчкоски во раководството. Тој во март годинава сам се повлече од функцијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, по објавувањето фотографии со наркотици

– што и самиот подоцна призна, нагласувајќи дека оставклата ја дава од морални причини. Осум месеци подоцна, повторно е дел од најтесниот круг – без дополнително објаснување што се променило во меѓувреме.

Слична порака испраќа и враќањето на Ана Чупевска. Поранешната потпретседателка, која претходно сама си поднесе оставка, сега е поставена на чело на новоформираниот Советодавен совет – уште еден сигнал дека во СДСМ, повлекувањето не мора секогаш да значи и крај.

СДСМ најавува проширување на платформата, соработка со граѓански организации и формирање антикорупциски тим. Но, анализата на новиот состав отвора суштинско прашање – дали станува збор за вистински рестарт или за реставрација на истата кадровска структура. Но, впечатокот од новата епизода е јасен. Римејкот е емитуван. Публиката веќе ги знае ликовите. Останува да се види дали сценариото ќе биде поинакво. Покрај познатите ликови во старо новото раководство на кормилото останува Филипче што и покрај поразот на изборите, реши дека тој мора да остане да седи на главната фотеља на Бихаќка.

https://youtu.be/9pSo2DMu2o4