Европската комисија гласаше за воведување царини од 25 отсто за американски стоки во вредност од околу 22 милијарди евра како прв дел од одговорот на трговската војна на Доналд Трамп. Листата на ЕУ вклучува земјоделски производи како што се соја, бадеми, месо, тутун, боровинки, сок од портокал, како и железо, челик и алуминиум и текстил. Се очекува некои од тарифите да стапат во сила на 15 април, за други од средината на мај, а царините за американските бадеми ќе бидат воведени од 1 декември.
ЕУ ги смета американските царини за неоправдани и штетни за двете страни, како и за глобалната економија, се наведува во соопштението од Брисел. Во моментов Унијата се соочува со американски царини од 25 проценти за челикот, алуминиум и автомобили, како и нови пошироки царини од 20 отсто за речиси сите други артикли.
Одговорот од ЕУ е среде трговската војна која кулминира откако стапија во сила американските царини за шеесетина држави. Во листата на држави е и земјава, но најтешко погодена со царини од 104 проценти е Кина. Таа денеска експресно возврати со 84 проценти царини на американскиот производи што претставува зголемување од 50 проценти на досегашните царини кои ги имаше Пекинг. Ситуацијата според кинеските власти опасно ескалира, а одлуката на САД според нив се заканува дополнително да ја дестабилизира глобалната трговија. Американскиот претседател Доналд Трамп кој во повеќе наврати најави дека нема намера да отстапи од неговата политика, на хуманитарна вечер во Вашингтон не штедеше зборови за да се пофали дека десетици шефови на држави и влади веќе контактирале со него со молби за договор.

По царините од американската администрација, од македонската Влада кажаа дека државата нема да има проблем со тоа царините да се спуштат и до нула. За тоа би се подготвиле измени во законот за царински стапки . Вакво нешто би се случило доколку разрешницата на преговорите помеѓу македонското министерство за надворешени работи и администрацијата во САД биде преку потпишување на договор за слободна трговија.
Од Македонската влада упатија апели да не се шири паника оти нема да има катастрофални ефекти во економијата на краток рок како отпуштање на работници или селење на капитал, или пак драстично намалување на извозот оти трговската размена со САД е многу ниска .
Македонските власти сметаат дека царинската стапка која ја доби Македонија од 33 отсто е резултат на погрешна пресметка затоа што во Македонија нема стоки кои се царинат со 65 отсто како што тоа го презентираше претседателот Трамп. Официјална статистика покажува дека САД е наш 17 – ти трговски партнер а имаме дефицит кон нив, односно дека сме извезле стоки во САД во вредност од 110 милиони евра, додека увозот изнесувал 181 милион евра. Тоа значи дека според државната статистика, Македонија е во дефицит со САД од 71 милион евра.
