Реклама
Македонија

„Три дена на пладне“ – прва самостојна изложба во Атина на македонскиот уметник Александар Зафировски

Личното доживување на три дена што се спојуваат во еден – точно…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Личното доживување на три дена што се спојуваат во еден – точно напладне, пренесено на платно со неговата специфична и карактеристична техника е пред грчката јавност преку самостојна изложба „Три дена на пладне“ на успешниот македонскиот ликовен уметник Александар Зафировски, кој не го крие задоволството од првата изложба во Атина и тоа што неговото меѓународно присуство сега се проширува и во Грција.

Во галеријата „Лефакис“ со над 45-годишна традиција, во следните две седмици изложени се 16 дела на Зафировски, создадени токму за оваа изложба, која синоќа беше и свечено отворена, со што ова е прво негово претставување во Грција.

Просторот на атинската галерија во одредени моменти од вечерта беше премал за да ги собере сите оние љубители на уметноста, кои дојдоа да ги погледнат делата на Зафировски, со восхит ги коментираа, му честитаа на уметникот, а си заминаа со најдобри впечатоци.

Реклама

– Изложени се 16 дела, сите се комбинирана техника масло, комбинирана техника на платно. Изложбата се вика „Три дена на пладне“ именувана по триптихот што го носи тоа име. Тоа е едно мое доживување на три дена што се спојуваат во еден, во едно пладне. Сите се поврзани со доживувањето на ливадите, на денот, на пладнето, а исто така се именувани и сликите како: Ден, Лето, Недела, Попладне итн. Сè се случува во моменти од деновите, објаснува уметникот.

Вели дека има омилена слика, но посочува дека омиленоста се менува, од ден на ден, од реакцијата и доживувањето на публиката како тие реагираат, а со тоа и тој лично наоѓа некои моменти што претходно не ги забележал.

– Изложбата „Три дена на пладне“ во галеријата „Лефакис“ го отсликува истражувањето на Александар Зафировски на природата како променливо присуство во текот на денот. Оваа серија уметнички дела ги доловува премините од утро кон ноќ, прикажувајќи ги светлината, атмосферата и времето како флуидни елементи и поттикнувајќи тивка, контемплативна поврзаност со ритмите на природата, пишува во официјалниот каталог за изложбата.

Зафировски има долгогодишно меѓународно присуство во низа земји, а пред сè во Франција, во Сан Пол де Ванс во јужниот дел на земјата, каде што галеријата „Лефакис“ има свое претставништво и пред неколку години започнале соработката.

За време на неколкугодишната соработка се родила идејата и за првата самостојна изложба во Атина.

Сопственичка на галеријата Евелин Лефаки објаснува дека со оглед на тоа што уметникот соработува со галерии во странство, а нивната галерија во Сан Пол де Ванс се наоѓа веднаш до галеријата на претставничката на Зафировски, се заинтересирале за неговата работа.

– Стапивме во контакт со неа, ми даде некои негови дела од јужна Франција кога и започна нашата соработка. Одзивот што го имавме беше прекрасен. Неговата работа им се допаѓа на луѓето, неговата техника е многу специфична и дискутирајќи со мојот брат рековме дека е работа што секако треба да ја претставиме во Грција, бидејќи неговата тема, природата е блиску до грчкиот елемент, светлината, бојата и дојдовме до идејата да го претставиме и во Грција и така произлезе идејата за изложбата на која сите дела се создадени за оваа изложба, вели Лефаки.

Зафировски соработува со галерии во Франција, во Дубаи во Стокхолм, изложува во повеќе интернационални галерии, како на самостојни, така и на групни изложби, а живее на релација Скопје – Франција.

– Франција е земјата на културата на уметноста и таму уметноста навистина е на највисоко ниво. Јас се радувам што сум најдобро прифатен таму, воопшто не се чувствувам како странец, уметноста како уметност се претставува самата себе си и таму навистина ги имам доживеано културата и уметноста на највисоко ниво, додека не можам да кажам дека и во Македонија не е така кога станува збор за мојата уметност и моите слики. Јас сум присутен таму, луѓето ме знаат, ме познаваат изложувам во галерии и во Скопје и во Охрид. Присутен сум и таму и таму. За мене културата е култура, секаде, истакнува ликовниот уметник.

Во однос на идните планови, вели дека подготвува нова изложба во текот на летото во Мужан, Франција, а дополнително ќе одлучат дали е биде постојана или ќе биде поставена и во други галерии.

На отворањето на изложбата во Атина присуствуваа в.д. амбасадорот на земјава во Грција, француската амбасадорка во Грција, но и Македонци кои живеат во Атина.

Изложбата ќе трае во следните две седмици, им нуди можност на посетителите, доколку сакаат да купат некое од делата на Зафировски, а една од сликите, беше продадена уште пред официјалното отворање.