Реклама
Македонија

Ленче Ристоска поднесе оставка, Савески одговори – „Жалам за оставката, сите одлуки кои ги носам се во насока на независно и самостојно обвинителство“

По одземањето на предметите „Талир“ и откако беше исфрлена од трката за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

По одземањето на предметите „Талир“ и откако беше исфрлена од трката за главен државен обвинител, Ленче Ристоска реши да се повлече – поднесе оставка од обвинителската функција. Ваквиот потег на некогашната ударна тупаница во СЈО обвинителката Ристовска, доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои и се одземаат предмети на кои работи изминатите години.Ристоска, во писмото, упатува критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.

Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера“– стои во соопштението од Ленче Ристоска.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески изрази жалење за оставката на Ристоска која преку СМС го известила дека си заминува.

Реклама

„Изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска. За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите“, изјави Савески.

Оставката на Ристоска предизвика реакции во јавноста и на политичката сцена. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека денеска е ден на жалост за рекет обвинителите, но и ден на надеж за правдата во државата.

Ристоска беше дел од истото СЈО кое беше водено од рекет дружината на Катица Јанева, кои дрпаа народни пари на име хонорари од СЈО и кое прерасна во машина за политички прогон. Само треба да се проследи изјавата на обвинителката Лејла Кадриу, која сведочи за тоа дека Заев и Шеќеринска лично оделе навечер во СЈО на Катица, Ленче и Лиле Стефанова и селектирале предмети за политички прогон – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозицијата не ја коментираат оставката на Ристоска, туку го критикуваат новиот јавен обвинител.

„Новиот јавен обвинител, Савески, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Христијан Мицкоски.Како што и претпоставувавме, Мицкоски и овој пат лаже, кога вели дека не го познава и дека биографијата била пресудна. Изгледа дека нашите сомнежи ќе се покажат како реални” рече Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Ленче Ристоска е една од трите обвинителки познати како „Чарлиевите ангели“ во поранешното Специјално јавно обвинителство.Таа беше дел од тимот што ги водеше клучните истраги под водство на Катица Јанева за висока корупција. По распадот на СЈО, таа ја продолжи кариерата во редовното Обвинителството за организиран криминал.