Растот на БДП од 3,5 отсто во 2025 година ја стави Македонија меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа, а очекувањата на Владата за годинава се уште пооптимистички – земјава да се најде меѓу првите три. Според премиерот Хирстијан Мицкоски, тоа е доказ дека во државата има поволна бизнис клима и тоа е позитивен сигнал за странските инвеститори..
Сепак, од Владата велат дека конечниот резултат ќе зависи и од случувањата во светот, особено од кризата на Блискиот Исток и можните поскапувања на енергенсите, кои директно влијаат врз економијата.
“Во 2024 година, поради добрата втора половина бевме во првите десет, во 2025 сме во првите пет, а за оваа 2026 година, ако оди вака како што почна годината, не би се изненадил ако сме во првите три. И што значи тоа? Ова значи дека конечно ќе почне полека, но сигурно да се чувствува и кај граѓаните, односно ќе се зголемува стандардот и куповната моќ ” вели премиерот Христијан Мицкоски.

Според надлежните, градежништвото е главен мотор на економијата. Овој сектор е најголемата причина за зголемувањето на БДП во 2025-та година. Премиерот вели дека тоа е резултат пред се на капиталните инвестиции во државата, изградбата на автопатите, железницата, регионалните и локалните патишта, како и голем број комунални проекти.
“Вредноста на она што досега е реализирано изнесува над 10 милиони денари. Зборувам за централниот Буџет. Ако на тоа ги додадеме и инвестициите што се прават во јавните претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата, кои не се вклучени во оваа бројка, таа би била поголема”, рече премиерот.
И покрај случувањата на Блискиот Исток и шпекулациите за можен инфлаторен шок, премиерот уверува дека нема причина за загриженост. Тој порача дека Владата внимателно ја следи состојбата со цените во маркетите и дека ќе продолжи редовната комуникација со трговците и производителите. Целта, е да се задржи стабилноста на цените и да не се создаде дополнителен притисок врз домашниот буџет на граѓаните.
