Најмалку 85 луѓе загинаа во САД, од Тексас до Њу Џерси, поради снежната бура и екстремно ниските температури кои се спуштија до минус 40 степени. Половина од смртните случаи се пријавени во Тенеси, Мисисипи и Луизијана, дел поради хипотермија, а дел поради изложеност на јаглерод моноксид при користење на извори за топлина во области без струја.
Повеќе од 230 илјади домови и претпријатија останаа без струја, а најголем број прекини се бележат во Мисисипи и Тенеси, со по околу 87 илјади корисници без електрична енергија. Арктичкиот воздух се движи кон југот на САД, со прогноза за продолжување на ниските температури и снег во Северна и Јужна Каролина, Вирџинија и североисточна Џорџија. Стотици припадници на Националната гарда се мобилизирани за чистење на снежните нанос и помош на заглавени луѓе.
