Реклама
Македонија

Општина Крива Паланка ќе субвенционира сертифицирање на локални производители на органска храна

Општина Крива Паланка ќе субвенционира педесет отсто од трошоците за добиен сертификат…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Општина Крива Паланка ќе субвенционира педесет отсто од трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификационо тело на петнаесетмина производители на органска храна кои аплицирале за мерката за поддршка во рамки на Програмата за локален економски развој за 2025 година.

-Општина Крива Паланка имплементираше мерка за поддршка на локалните производители на органска храна, преку објавување повик за прибирање барања за субвенционирање на трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификационо тело. Мерката беше наменета за поддршка на локални сертифицирани земјоделци кои се занимаваат со производство на органска храна. На повикот беа поднесени вкупно 15 исправни и уредни барања од локални сертифицирани производители на органска храна, при што сите апликанти ќе бидат субвенционирани во износ од 50 отсто од вкупниот трошок направен за сертификација. Со реализацијата на оваа мерка локалната самоуправа, во рамки на своите надлежности, вложува напори за поддршка на локалните производители на храна, со цел зголемување на бројот на органски производители во иднина, подобрување на квалитетот на локалната храна и збогатување на понудата, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Оттаму велат дека интенцијата е унапредување на локалниот економски развој, зголемување на квалитетот и конкурентноста на локалната храна, како и раст на приходите во локалната економија.

Реклама

-Ги мотивираме и останатите земјоделци да се вклучат во процесот на органско производство. Во текот на годината, Општина Крива Паланка планира да имплементира и други мерки за поддршка, за кои се очекува да придонесат кон унапредување на локалното земјоделство, велат од општината.