Пет лица – пејачката Џejла Рамовиќ и нејзиниот бенд, државјани на Босна и Херцеговина – добија прекршочни пријави откако биле затекнати како настапуваат во угостителски објект во Кичево без соодветна работна дозвола, информираат од Министерството за внатрешни работи. Акциската контрола била спроведена во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, од страна на Одделението за внатрешни работи Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Државниот трудов инспекторат.
При контрола на угостителски објект лоциран на магистралниот пат Кичево–Охрид, полициските службеници затекнале пејачка и четири члена на музички бенд, сите од Босна и Херцеговина. Утврдено е дека вршеле работна дејност без претходно обезбедена соодветна работна дозвола, што претставува прекршок согласно Законот за странци. Против петтемина е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Пред десетина дена, српската музичка ѕвезда Аца Лукас беше приведен во полициска станица во Кавадарци додека настапуваше во локал, откако полицијата констатира дека настапувал без потребната дозвола. За тоа му беше изречена парична казна, а против него е поднесена прекршочна пријава.
