Охрид конечно, после 13 години, ќе ја добие првата катна гаража. По првата неуспешна тендерска постапка, општината започна нова и за околу три недели на паркингот кај градскиот пазар ќе почне изградбата на катната гаража. Туристичкиот центар, кој при првиот налет на гости лето–зима буквално не функционира и се соочува со сообраќаен хаос, блокирани улици, тротоари, пешачки и велосипедски патеки, не можеше да го реализира проектот кој е од витално значење за Охрид од низа причини. Градбата на катната гаража најпрвин ја спореше Националната комисија на УНЕСКО, која во 2024 година ја втурна тогашната гарнитура од Министерството за култура во ќорсокак.
„Вршевме сериозни измени на проектот, првично не дозволија да има комерцијални објекти во самата катна гаража — ние тоа го изменивме. Влезот бил од југоисток, требало на северозапад — и тоа го изменивме. Па не требало под земја да има, заради икс работи… Едноставно, сите работи ги направивме, за на крај да дочекам во март, ми се чини лани беше, кога министерката за култура кажа дека Охрид нема да има катна гаража затоа што не е од јавен интерес. Иако стигнавме и до гласање на Комисијата на УНЕСКО, каде што со 8-4 гласа ја добивме катната гаража, односно оној урбанистички проект“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Во екот на сезоната Охрид нема капацитет да прими повеќе од 40.000 возила. Поголемиот дел од улиците, дури и главните сообраќајници кои водат кон центарот, се користат и за паркирање, но и тоа не е доволно. Во моментов во градот има 900 паркинг места, а недостасуваат уште околу 500. Поради тоа, Пецаков најави изградба на уште една катна гаража.

„Таа катна гаража е зацртана во спортскиот комплекс Билјанини Извори како урбанистички план, и тоа е нешто на кое што ќе се посветиме во наредните 4 години да го завршиме. Како и да е, и тоа го гледа светлото на крајот од тунелот по долги години борба и едноставно работи за кои долго се разговарало во Охрид — биле суштинска потреба на граѓаните за подобрување на условите на функционирање на градот, особено во текот на летниот период“, додава Пецаков.
Инаку, уште од 2015 година постоеја заложби за изградба на дури четири катни гаражи, но од тогаш помина повеќе од една деценија, а градот сè до сега не доби ниту една. „Луѓето купуваат плацеви на месечина, а Охрид 30 години се расправа со изградба на катна гаража“, коментираат охриѓани.
