Во прилепскиот Тутунски комбинат успешен старт на годинашната откупна кампања на тутунот. Првите тутунопроизводители, согласно договорите, уште од изутрина го носеа родот. Велат, засега се задоволни од проценката, кој се цени главно во прва класа и без одбитоци, но сепак, очекуваат повисоки откупни цени.
„Годинава имаме некаде околу еден тон и 300–400 кила, тутунчево е квалитетно, значи исушено навреме, собрано, наводнувано со капка-систем. Сега е околу цениве, би требало да бидат малку повисоки, бидејќи има големи трошоци“, – рече Благој Мицевски, тутунопроизводител.
„Сега, за почеток носам 14 картони и се надевам сиот да оди во „кец“, како што е кажано, меѓутоа очекуваме и повисока цена. Задоволителна е оценката моментално од Тутунски, добро оди, но чекаме повисоки цени, под 600 денари да не биде“, – кажа Реџеп Абдулоски, тутунопроизводител.

И од Сојузот на тутунски здруженија немаат забелешки на стартниот откупен процес. Иако и оттаму не се откажуваат од барањата за зголемување на цените.
„Од почетоков, за нас, како Сојуз, сме задоволни и очекувам дека и останатите компании ќе го следат овој начин на откупување, бидејќи сиот тутун, квалитетниот, оди во прва класа, а сè што е влажно до 18–19% нема одбитоци, значи влажниот тутун нема да се откупува“, – посочи Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
„Од денеска се отворени 34 откупни места и 37 ваги… Исплата ќе се врши, исто како лани, двапати неделно, секој вторник и петок, така што секој тутунар кој донесол тутун во Тутунски комбинат, парите ќе ги добие најдоцна за два до три дена“, – изјави Александар Алексоски, директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Годинава тутун ќе откупуваат 10 откупувачи, а вкупниот род се очекува да тежи околу 22 милиони килограми, според тутунарите, или околу 26 милиони килограми, според откупувачите. Откупните цени за прва класа се движат од 414–420 денари за килограм тутун и заедно со субвенциите од 100 денари, првата класа се откупува за нешто над 500 денари.
