Од вторник прилепскиот Тутунски комбинат ги отвора 34-те откупни пунктови со вкупно 37 ваги за откуп на годинашниот тутун. Годинава, според склучените договори со кооперантите, очекувањата се дека Комбинатот ќе откупи над 2 милиони и 300 илјади килограми високо-квалитретен тутун, што е за 35 проценти повеќе од лани. Откупните цени се дефинирани уште од март, но доколку има ценовна промена во текот на откупот, како што бараат и тутнуарите, откупувачот се обврзува ретроактивно да ја исплати и таа разлика во цената, па тутунарите нема да бидат воопшти оштетени, уверуваат од Комбинатот.
„Комбинатот има едни од највисоките досега прикажани цени. 420 ден. за прва класа, 360 ден. за втора класа и 300 ден. за трета класа….Годинашниот тутун, барем летните берби, беше со доста добар квалитет. Е, сега, проблем е што во тековниов месец, или месец ноември, се’ уште се собира тутун, што не е пожелно, оти овој тутун нема да го има соодветниот квалитет“, – изјави Александар Алекоски, директор на Тутунски комбинат, Прилеп.
Предадениот род ќе се исплаќа двапати неделно и редовно, секој вторник и петок, односно најдоцна за ден-два од откупот. Што се однесува пак, до враќањето на класите, од Комбинатот сметаат дека тоа е една од мерките за задржување на квалитетот на тутунот во ова поднебје, преку соодветнотои ценење и вреднување на сработеното. А додека за владината септемвриска одлука со која се забранува увоз на тутун додека трае откупната кампања, од Комбинатот се согласни дека тоа е нужно и за заштита на домашниот производство, но и на тутунарите.

„Според мене е многу позитивна, пред се’ за самите тутунаари, бидејќи до одреден степен се заштитени од надворешната конкуренција. Целта е првично да се откупи домашното производство на тутун, па после се’ останато, доколку има потреба, додколку нема, нормално нема да се купува“, – потенцира Алексоски.
Инаку, годинава вкупниот род на тутун, на ниво на држава, според откупувачите, се очекува да тежи околу 26 милиони килограми, наспроти проценките на тутунарите кои велат дека годинава ќе бидат произведени масимум 22 милиони килограми. Прилепскиот тутунски комбинат во однос на лани во март ги зголемил откупните цени за 5 за првата, и за 10 проценти за втората и третата класа.
