Патната инфраструктура низ земјава, која со години или немаше никаков развој, или работите одеа забавено без некои видливи резултати, за нешто повеќе од една година, позитивно го менува својот изглед. Фактот што речиси и да нема делница на која интензивно не се работи, само потврдува дека кога се знае и сака, сè и се може.
Според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ваквиот приод и засиленото темпо, а кој се поткрепува со пуштањето во употреба на дури 80 километри нови, модерни патишта, е единствениот начин за Македонија и нејзините граѓани, конечно да почнат да живеат поквалитетен живот кој ќе донесе и поголем економски развој на земјата. Проекциите се дека до 2029 година, целата патна мрежа низ државава ќе биде рехабилитирана.
„Во моментов работиме со ЕУ во делот на Планот за раст од Страцин до Романовце, односно до Куманово, исто така Експресен пат. Експропријацијата е завршена. Треба сега со ЕУ да се договориме околу процесот на избор на изведувачи за да почнат и таму. Од Романовце, односно од Куманово до Скопје веќе има автопат, има и Обиколница на Скопје, која што за жал, не е во добра состојба. Следната година целосно ќе ја репарираме, ќе ја обновиме таа Обиколница. Скопје-Тетово веќе постои автопат, Тетово-Гостивар се гради, Гостивар-Букојчани се гради, за Букојчани–Кичево до 30 септември годинава очекуваме понуди, така што воопшто не е нереално да очекуваме до крајот на 2028, или во првата половина на 2029 година, од Граничен премин „Деве Баир“, кој што е со Бугарија, до Граничен премин „Ќафасан“ кој што е со Албанија, да имаме целосно автопатско или Експресен пат – решение“, – вели Александар Николоски, вице-премиер и министер за транспорт и врски.

Истовремено, со несмалено темпо напредуваат и градежните работи на Автопатот Прилеп-Битола, кој како проект е преполн со теренски предизвици. Бројните експропријации, присуството на мноштвото неексплодирани боеви средства од минатите војни, вредните археолошки наоѓалишта и рудните богатства долж трасата од 40 километри, се само дел од тие предизвици, а кои се решаваат во од. Оваа траса опфаќа и 10 моста, 16 надвозници и 6 подвозници.
„Таму оди одлично. Очекувам првите 11 километри да ги имаме пуштено во сообраќај веќе следната година. Вкупно 40 км е автопатското решение помеѓу Прилеп и Битола, а до втрората половина на 2027 година целосно да се заврши Автопатот Прилеп – Битола“, – потенцира министерот Николоски.
Инаку, колку за потсетување, на почетокот од јули беше пуштена во употреба и делницата од Дреново до Фариш во должина од 10,2 км како дел од Експресниот пат Градско-Прилеп, а додека во јануари, во функција беше ставена и делницата Градско-Фариш во должина од 16,5 км. Овој современ пат ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп и Битола, како и на сите останати околни општини од Пелагонискиот регион со главниот град. Но исто така, ќе значи и поврзување и со соседна Грција, и со Коридорот 10Д, а тоа значи целосно или автопатско, или експресно поврзување и со граничениот премин Меџитлија.
