Зголмени приноси, повисок квалитет, решавање на проблемите со системите за наводнување и рекордни откупни цени. Ова се главните придобивки од годинашниот откуп на грозјето, со кој, според Инспекторатот, до 4 септември откупени се околу 30 милиони килограми грозје. Или, 11 милиони килограми црвено винско грозје, и 19 милиони килограми бело грозје. Засега, инспекторите кои се постојано на терен, не откриле никакви неправилности при откупниот процес, уверува ресорниот министер, Цветан Трипуновски, кој присуствуаше на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2025“ во Кавадарци.
„Манифестација која што се одбележува веќе традиционално, со богата програма која што ја приредува Општината, се’ со цел да ја одбележи оваа значајна гранка во нашата држава…Оваа година очекуваме над 25 милиони килограми плус за разлика од ланската берба, односно целата берба да биде некаде над 100 милиони килограми…Она што е важно и е една порака до земјоделците е дека Инспекторатот и Министерството, Владата во целина, ќе го следи секојдневно откупот на винското грозје за да се спречат било какви отстапувања од законските норми и прописи кои што важат“ – изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство
Министерот Трипуновски се осврна и на нападите од опозицијата околу промената на Законот за вино, за кои рече дека се обична политичка манипулација на лозарите, но и тотално непознавање на состојбите во оваа гранка.

„Мислам дека се работи за елементарно непознавање. Такви интервенции не се ставаат во Закон, има други механизми кои што треба да се преземат и мислам дека лидерот на опозицијата од неговите соработници е ставен на еден тенок мраз каде што практично презема активности кои што не се според процедутите…Крајот на бербата ќе покаже дека навистина сериозно имаме работено во изминатава една година како Влада“, – истакна Трипуновски.
Инаку, интенцијата на оваа Влада е враќањето на Македонија на пиједесталот во квантитетот на произведено винско грозје, а со тоа и производство на многу квалитетно вино кое ќе биде распространето ширум светот, со што земјава ќе остане на светските лидерски позиции како докажан производител на врви вина, појаснува Трипуновски.

