Најатрактивната мерка од сетот мерки на историски највисокиот Оперативен план во државава во вкупна вредност од 40 милиони евра – мерката за самовработување на невработените млади лица, ќе биде надополнета. Имено, листата од првично предвидените 1.750 лица ќе биде проширена за уште околу 800 невработени млади, а ќе бидат ревидирани и финансиски средства за допполнителни 2,5 милиони евра, уверуваат од Министертсвото за економија и труд.
„Имавме 6.000 пријави и апликации и поради тоа беше голема потребата да се направи ревизија на финансиските средства на Оперативниот план со што се обезбедија дополнителни 5 милиони евра од истиот за оваа мерка „Самовработување“ и со дополнителни средства од ребалансот на буџетот на Владата на Република Македонија беа обезбедени и дополнителни 2,5 милиони евра, или вкупно 7,5 евра со кои ќе биде поддржана оваа најатрактивна мерка и мислам дека бројката од 1.750 ќе биде покачена на нешто повеќе од 2.500 лица“, – изјави Марјан Ристески, заменик-министер за еконоимија и труд.
Според Ристески, нема да се застане само на мерките од овој Оперативен план, туку ќе бидат креирани и други нови мерки со крајна цел му се застане на патот на се’ поголемиот одлив на младата работна сила од земјава.

„Тука се и активните мерки од Министерството за економија и труд, меѓутоа и од другите владини институции и министерства, со цел да ја намалиме невработеноста и да го намалиме одливот на работна сила и работен кадар од државата“, – објаснува Ристески.
Инаку, според последниот извештај од Заводот за статистика кој ја мери стапката на вработеност и невработеност во државава, во првиот квартал од годинава во државава имало 92.597 невработени лица на возраст од 15 до 74 години, додека во истиот период, или на крајот од март, според Агенцијата за вработување имало 95.575 невработени. Првите пет општини кои предничат со бројот на невработени се: Град Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар и Прилеп. Според Владата годинава треба да заврши со намалена стапка на невработеност на ниво од 11,1%.

