Свирепо си ги убил сопствениот внук од сестра и малолетниот правнук. Вчера крвава заложничка драма во домот на 63-годишниот прилепчанец Петар Ѓ. – Белото. Прославата на неговиот именден завршила кобно по животите на 43-годишниот Панче Ч. и неговиот 13-годишен син Милан Ч. Двојното убиство, вујкото го извршил вчера, најверојатно уште во попладневните часови во сопствената куќа. А по првото пристигнување на полицијата, околу 22 часот, убиецот и самиот си пресудил, откако претходно пукал кон полицијата, а употребил и експлозивна направа.
„Во 21.20 часот во ОВР Прилеп, 43-годишната прилепчанка со иницијали К.Ч., пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот сопруг 43-годишниот П.Ч. и нивниот 13-годишен син М.Ч. и истата изјавила дека можно било да отишле во куќа на нивниот роднина П.Ѓ (62) од Прилеп. Од страна на полициски службеници била извршена проверка во домот на П.Ѓ., но никој не ја отворал вратата. По наредба од ЈО, полициските службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата, едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала“, – изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
По ваквиот ужасен развој на настаните, по налог на Обвинителството, побарана е помош и од Специјалната единица „Тигар“, која со хеликоптер, во Прилеп пристигна нешто после еден часот по полноќ. Но, за жал, предоцна за сега веќе убиените. Крвавиот пир на убиецот го потврдија и од прилепското Јавно обвинителство.

„Во куќата се пронајдени три мртви тела. Првичните сознанија, според изјавите на соседите, се дека двојното убиство најверојатно се случило уште во попладневните часови, кога се слушнале повеќе истрели од огнено оружје. Телата се предадени на обдукција, по што ќе се знае точно што, кога и како се случила оваа трагедија“, – ни изјави за Алфа, јавниот обвинител Стевчо Биноски.
Соседите во шок и неверување, не сакаа јавно да говорат во камера, но имаат поделени мислења за профилот на убиецот. Според некои, Петар бил човек со психички проблеми, според други дека бил криминален лик, а според трети пак, човек кој ни на мравка не газел.
„Тој немаше кривични дела, значи немаше никакво кривично дело….“, – рече еден сосед на убиецот.
Инаку, првичните информации се дека убиецот долго време имал нарушени односи со својата сестра заради имотни прашања. А своето грозоморно дело, само неколку часа пред извршувањето го најавил и преку социјалните мрежи: „Мојата сестра и нејзиниот син ми украдоа и одзедоа скоро се’, останатото им го дадов сам. Не играјте си со оние кои што немаат што да изгубат“, напишал тој. Покрај ова, во неговиот дом, бил пронајден и цел арсенал од разновидно оружје.
