200 нови вработувања со инвестицијата на „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје. Компанијата одлучи да го прошири производството со отворање нова фабрика на површина од 10 илјади квадратни метри , односно речиси двојно поголема фабрика од постоечката. Планот на компанијата е да воведе најсовремена технологија и методи за производство во автомобилската индустрија со што планира да ја зајакне својата позиција на пазарот и ќе ги задоволи зголемените барања на своите клиенти. Компанијата ги снабдува водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.
Проширувањето на инвестициите во земјава е уште една потврда дека институциите се посветени, а се враќа довербата на инвеститорите. Економијата расте, а тоа е резултат на конкретните чекори, а не теорија. Во првиот квартал годинава БДП е 3.2 отсто, а извозот во првите пет месеци од годинава е за 3,15 проценти поголем споредено со истиот период лани. За премиерот ова е показател дека економските политики се во добра насока. Економскиот раст до крај на годинава и во следната година се темели токму на влезот на инвестициите, а и на поттикнување на домашните компании
– Ова се показатели што го говорат најважното дека државата е стабилна, економијата активна и дека иднината се гради денес. Свесен сум дека граѓаните се соочуваат со потешкотии, свесен сум дека се потребни брзи и конкретни промени и токму затоа секој ден со целата енергија што ја имаме, работиме за тие промени да се случат. Се бориме за секое ново вработување, за секој денар повеќе во домашната економија, за секоја шанса што може да донесе стабилност на државата. Ние не чекаме инвестиции, ние ги бараме, ги поддржуваме, ги заслужуваме. Ние не зборуваме за можности, туку ги отвараме, порача Премиерот.

Покрај во индустријата се работи на инвестициона политика во енергетиката. Владата потпиша меморандум со турски Казанџи груп кој треба да градат когенеративни централи, секундарна гасоводна и топловодна мрежа. Неделава стартуваше изградбата на гасниот интерконектор со Грција, а половина милијарда евра ќе чини инвестицијата за изградба на ветерниот парк на „Алказар енерџи“.
