Најголемиот државен производител на струја – РЕК Битола, веќе втор ден производствено е „мртов“, откако вчерашниот сомнителен пожар во близина на ормарот за електронско управување, автоматски го исфрли од системот Блокот 2, а кој беше единствениот што е во погон. Сомнежи за потеклото на пожарот има и премиерот Мицкоски, кој денеска, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека сепак, она што е најважно во моментов, е што започнува да се става ред во урнисаниот Комбинат и дека струја ќе има доволно за сите, без да има нејзино поскапување.
„Можно е во раните утрински часови пред два дена да се случила таква саботажа, МВР го истражува случајот. Но, тоа е на МВР делот. Она кое што е на вработените во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ е да час поскоро го оспособат и да биде во функција. Но, она кое што е важно е дека навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници. И она што е важно дека АД ЕСМ, Владата не побараа зголемување на електричната енергија од 1-ви јули, како што тоа го правеше многу пати минатата Влада, така што продолжуваме да го оправаме сето она кое што е уништено, распаднато, девастирано го затекнавме таму“, – изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Денеска пак, во РЕК Битола, во тек е голема еко-акција за технолошко чистење на посторојките во која, по налог на менаџментот, се вклучени сите вработени, од најниско до најнисоко ниво. „Целта е да се отстрани сиот технолошки отпад кој е таложен со години и кој претставува потенцијална опасност за нови пожари или за други хаварии. На фирмите кои ја обавуваа оваа дејност им заврши тендерот, па сега, за да не се губи драгоцено време до распишувањето на нов тендер и да се ризикува, времено самите ќе го решаваме тоа“, – брифираат за Алфа, вработени од Комбинатот.

На наследениот хаос во РЕК Битола реагираат и од ЕСМ, обвинувајќи дека Комбинатот сега го плаќал „цехот“ од недомаќинското и нестручното управување со прозводствените капацитети во последниве години.
„Термокапацитетите се оставени без неопходните ремонти, имало системска негрижа за механизацијата и урнисување на рудниците преку хаотичното копање надвор од рударските проекти, празни депонии за јаглен, неплански исцицан хидропотенцијал, системско полнење со партиски, нестручни кадри во сите сектори, деформирани систеаматизации кои ја доведоа Компанијата до финасиска и организациска бездна. Закупи на LNG терминал и прекугранични капацитети преку кои не може да се донесе ниту 1 грам гас во државата и за кои ќе претрпиме најмалку 50 милиони евра штета во наредните 15 години, за колку што не’ врзале со шететни договори“ – се вели во реакцијата од ЕСМ.
Инаку, како што веќе е познато, вчерашниот пожар во Комбинатот предизвика сомнежи дека е саботажа, заради што случајот го истражува и Крим-полицијата. А додека во судски процес од крајот на минатиот месец е и случајот „Адитив“, за кој се осомничени дури 30 лица за проневера од околу 6,5 милиони евра. Тие се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, наместени јавни набавки и перење пари.
