Димитар Ковачевски ги пакува куферите – неговата оставка треба да биде поднесена следните денови, пред собраниската седница закажана за в петок. Техничката влада ќе биде избрана најдоцна до недела – на 28 јануари. На само 6 дена до последните процедури, партиите се закануваат за меѓусебен бојкот – дали власта ќе гласа за опозициските министри, и како ќе се одрази тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за Талат Џафери да биде технички премиер.
Премиерот Ковачевски порача дека учеството на опозицијата значи и обврска за гласање на целиот состав – имало време до крајниот рок да се спроведат сите формалности кои ќе завршат со гласање на техничката влада. Ги негираше гласините дека ќе станел министер – рече дека тој ќе биде зафатен со кампањата на СДСМ.
Јас нема да бидам министер во техничката влада, туку ќе ја предводам кампањата на СДСМ на претстојните избори. Во однос на техничката влада, тоа е законска обврска и сите што учествуваат во техничката влада, тоа се политички партии од власта и од опозицијата, треба прво да ги предложат своите кандидати и да ја поддржат владата во Парламентот. Има доволно време до недела тие формалности да се завршат и в недела да имаме гласање со кое ќе добиеме техничка влада, која ќе ги спроведе изборите – рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ засега останува на ставот дека нема да го поддржи Талат Џафери за премиер зашто, како што велат, тој е симболот на корумпираноста и кримиалот на оваа власт во заминување. Додаваат дека законот за техничка Влада е јасен и дека мора да има опозициски министри, а обврска на мнозинството е да го изгласа и спроведе сето тоа.
„Слушаме деновиве некои изјави кои ги дава владејачкото мнозинство и јас би можел да ги оценам како политички аматеризам или политички дилентализам затоа што Уставот и законите се доволно прецизни и јасни. Ние како ВМРО-ДПМНЕ побаравме укинување на оваа техничка влада затоа што знаеме до што сè може да доведе и знаејќи ги потезите коишто власта во очај ќе ги презема во наредниот период“, рече Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку опозицијата со месеци апелираше и алармираше да се укине техничката Влада, но мнозинството остана глуво на овие барања пред се поради договорот СДСМ – ДУИ, Интегративците да ја добијат премиерската функција во последните 100 дена од мандатот.
