Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции организира тематска дебата на тема „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“, посветена на клучните предизвици и препораки во областа на владеењето на правото.
Дебатата ќе се одржи во големата купола на Собранието и онлајн, а предвидени се воведни обраќања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, амбасадорите на Шведска и Швајцарија во земјата, Ола Солстром и Кристоф Сомер, директорката на УНОПС, Михела Телатин, и извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска.
Во рамките на настанот ќе бидат презентирани главните наоди што се повторуваат во извештаите на Европската комисија за владеењето на правото, како и матрица за парламентарен надзор врз напредокот во оваа област, подготвена од проектниот тим на PAVE.
На дебатата е најавено и онлајн-обраќање на европратеникот Томас Вајц.
Целта на настанот е да поттикне институционална и парламентарна расправа за спроведувањето на реформите во владеењето на правото преку согледување на наодите од извештаите на Европската комисија и можностите за поефикасен парламентарен надзор на реформските процеси.
По презентациите е предвидена дискусија, а настанот ќе заврши со завршни обраќања на учесниците.

