Градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица од денеска се домаќини на делегација од Општина Шланген, Сојузна Република Германија, предводена од градоначалникот Маркус Пистер, во чиј состав е и тим експерти од областа на мобилноста. Фокусот на посетата е размената на искуства и можностите за унапредување на јавниот превоз во општината, соопштија од локалната самоуправа.
Во соопштението се наведува дека на официјалната средба меѓу градоначалникот Јанков и гостите од Шланген се разговараше за можностите за воспоставување партнерство меѓу двете општини во областа на одржливата мобилност, заштитата на животната средина, урбаниот развој и справувањето со климатските промени, како и за подготовка и реализација на заеднички проекти преку европски и меѓународни програми за финансирање.
– Главната цел на повеќедневната работна агенда е ставен на унапредувањето на организацијата, управувањето и функционирањето на јавниот градски превоз во општина Струмица. Преку стручна размена и анализа на постојниот систем, целта е да се утврдат можностите за негово понатамошно подобрување и зголемување на квалитетот и достапноста на услугите на ЈП „Струмица-Транспорт“. Во работната програма ќе учествуваат и четворица германски експерти за јавен превоз и одржлива мобилност, стои во соопштението.
Градоначалникот Јанков истакна дека германската посета претставува значајна можност за размена на европски искуства и воспоставување долгорочна соработка.
– Нашата цел е јавниот превоз во Струмица постојано да го унапредуваме, да го направиме пофункционален, побезбеден и подостапен за граѓаните. Веруваме дека размената на искуства со германските експерти ќе ни помогне да ги согледаме можностите за подобра организација и управување со системот, како и за воведување нови решенија што ќе придонесат за поквалитетни услуги и почиста животна средина, се наведува во пренесената изјава на градоначалникот Јанков.
Тој посочил дека јавниот превоз има значајна улога и во справувањето со аерозагадувањето, а неговото континуирано унапредување е важно и од аспект на заштитата на животната средина.
Германската делегација заедно со градоначалникот Јанков ги посетија и манастирите во Вељуса и Водоча како дел од културното и духовно наследство на Струмица, а германската делегација ќе престојува во Струмица до 13 овој месец.

