Поранешната дива депонија во Карпош се расчистува и се трансформира во мега парк на површина од 86.000 квадратни метри, со зеленило, спортски терени, фитнес-зони и простори за рекреација, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во објава на „Фејсбук“, Ѓорѓиевски посочува дека активностите на терен се одвиваат со засилена динамика, а по расчистувањето на наталожениот смет просторот ќе добие нова намена и ќе стане место за одмор, спорт и дружење.
– Таму каде што со години се трупаше смет, ќе растат дрвја. Таму каде што граѓаните гледаа грда слика, ќе има зеленило, спорт и детска смеа, наведува Ѓорѓиевски.
На површина од 86.000 квадратни метри ќе бидат уредени зелени површини и засадени дрвја, а веќе се поставуваат урбана опрема и осветлување. Предвидени се и спортски терени, фитнес-зони, пешачки патеки и сопствена хидрантска мрежа.
Новиот парк, како што наведува градоначалникот, ќе биде наменет за сите генерации – за детска игра, спортски активности, семејни прошетки и рекреација на повозрасните граѓани.
Ѓорѓиевски посочува дека создавањето нови паркови е меѓу неговите приоритети и тврди дека за една година се создадени вкупно 200.000 квадратни метри површина.
– Ова е површина што им ја враќаме на граѓаните и на природата, со јасна определба Скопје да биде позелен и поубав град за живеење, вели градоначалникот.
Тој додава дека активностите за уредување и создавање нови зелени површини ќе продолжат, со цел граѓаните да добијат повеќе простори за живот и рекреација во своите населби.

