Реклама

По цели три децении Македонија ќе добие нов Кривичен законик, текстот е веќе испратен во Брисел за нивно мислење

Министри, директори, па дури и попови – Бог простува, ама „Сејф Сити“ не: системот се шири во Битола, Струмица и Штип

Пекол на „Тракија“: 12 жртви и 48 повредени во двата масовни верижни судири во Бугарија

Економијата расте, инфлацијата се стабилизира: Стопанствениците очекуваат ваквата динамика да продлжи

Алта банка дефинитивно ќе се продаде и спаси, дури 6 банки и финансиски институции заинтересирани да ја преземат

Кравите „господарат“ со Крива Паланка: Градоначалникот немоќен и без решение за „инвазијата“ крави по градските улици

УГД ги суспендираше двајцата вработени осомничени за манипулации со студентските досиеја

АХВ прифати дел од барањата на ветеринарите

Фабриката „АСП – ПАК“ отвори нов погон во Охрид со целосно роботизирана производна линија.

Ќе и се суди во отсуство: Кочанскиот суд одби да прави циркуз од судењето на „медиумската ѕвезда“ Ива Михаилова

Инфлацијата во рамки на проекциите, во октомври 3,3%

Бензините поевтинуваат за 7 денари, дизелот за 5,5 денари за литар

Македонија

Еднаква: Притисоците и заканите нема да ги замолчат новинарките

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ најостро ги осудува повиците за насилство упатени кон…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ најостро ги осудува повиците за насилство упатени кон новинарката Милка Смилевска, како и обидите за заплашување на новинарката Теодора Цветковска со пораки дека ќе биде ставена „под надзор“.

Длабоко сме загрижени од зачестените притисоци, закани и обиди за замолчување на новинарките, кои не се насочени единствено кон нивната професионална работа, туку често го имаат и родовиот елемент – таргетирање на жените кои јавно зборуваат, критикуваат, поставуваат прашања и одбиваат да молчат.

Повиците за насилство врз Милка Смилевска се крајно опасни и недозволиви. Ваквата реторика не може да се оправдува со политички, идеолошки или лични несогласувања. Кога кон една новинарка се упатуваат повици за насилство, тоа не е само напад врз нејзината лична безбедност и достоинство, туку и обид да се испрати застрашувачка порака до сите жени во медиумите дека професионалното работење може да ги направи мета на јавен линч, закани и насилство.

Реклама

Ваквите напади имаат последици многу пошироки од директно таргетираната личност. Тие создаваат атмосфера на страв, несигурност и самоцензура, во која новинарките може да се почувствуваат принудени да премолчат, да се повлечат или да избегнуваат теми од јавен интерес поради страв за сопствената безбедност.

Особено загрижува и случајот со Теодора Цветковска, кај која пораката дека ќе биде ставена „под надзор“ доаѓа во контекст на нејзината критика на ставовите дека жените треба да бидат под надзор на мажите. Ваквата реторика не е само навредлива и неприфатлива, туку ги репродуцира патријархалните обрасци на контрола врз жените и нивното право самостојно да размислуваат, зборуваат и одлучуваат.

Сметаме дека е особено опасно кога жените кои јавно ги оспоруваат родовите стереотипи, дискриминацијата и патријархалните практики стануваат мета на заплашување токму преку пораки за контрола и надзор. Жените не се ничија сопственост, не се должни да бараат дозвола за своите ставови и не смеат да бидат казнувани затоа што го користат своето право на слободно изразување.

Новинарките не се должни да трпат закани, сексистички напади, понижување или обиди за контрола како цена за својата професија. Критиката кон новинарската работа е легитимна, но заканите, повиците за насилство и застрашувањето никогаш не се легитимен одговор.

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ бара надлежните институции сериозно и без одлагање да постапат по овие случаи, да ги испитаат заканите и да обезбедат соодветна заштита на новинарките. Повиците за насилство и обидите за заплашување не смеат да останат без институционален одговор.

Истовремено, повикуваме на јавна осуда на секој обид за дискредитација, заплашување и родово таргетирање на жените во медиумите. Молчењето и релативизирањето на ваквите напади само ја продлабочуваат атмосферата во која насилството и заканите стануваат прифатлив начин за справување со жените кои имаат јавен глас.

Новинарките не треба да избираат меѓу својата безбедност и своето право да зборуваат. Ниту една жена не треба да биде изложена на насилство затоа што ја врши својата професија, ниту ставена под надзор затоа што одбива да биде контролирана.

Солидарноста со Милка Смилевска и Теодора Цветковска е солидарност со сите новинарки кои секојдневно се соочуваат со закани, притисоци и родово базирано насилство.