Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ потпишаа Меморандум за соработка со цел зајакнување на заедничките активности за заштита и унапредување на правата на детето, превенција на детското престапништво и унапредување на системот на правда за децата.
Како што информираат од Државниот совет, со Меморандумот се воспоставува рамка за институционална соработка заснована на начелото за најдобар интерес на детето, почитувањето на правата на детето, националното законодавство и меѓународните стандарди за нивна заштита.
Соработката ќе се реализира преку спроведување заеднички активности, иницирање и промоција на истражувања и анализи, размена на информации, податоци и стручни сознанија, како и подготовка и споделување едукативни, стручни и истражувачки материјали од областа на правата на детето и правдата за децата.
Предвидени се и континуирана комуникација и координација, работни состаноци, стручни расправи и дискусии, како и искористување на институционалните и стручните капацитети на двата потписника.
Преку оваа соработка, Државниот совет ќе ја остварува својата координативна и иницијативна улога, додека „Меѓаши“ ќе придонесува со својата долгогодишна експертиза и искуство во областа на заштитата и унапредувањето на правата на детето.
Од Државниот совет оценуваат дека потпишувањето на Меморандумот претставува чекор кон обединување на институционалните и граѓанските капацитети за создавање посигурна и поправедна средина за секое дете.

