Движење ЗНАМ – За наша Македонија ја разбира нервозата и хистеријата кај одредени претставници на моноетнички политички партии предизвикани од јасниот и принципиелен став на ЗНАМ дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите на државата, стои во соопштението од ЗНАМ.
Очигледно, некои политички структури сè уште не можат да се помират со фактот дека времето на институционалното самоволие, селективното толкување на законите и политичкото надмудрување со државните институции е завршено. Времето кога ДУИ и СДСМ ги толерираа и практикуваа таквите политики е минато. Македонија мора да функционира како правна држава, во која Уставот и законите важат подеднакво за сите. ЗНАМ е државотворна политичка партија.
Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци. Нашиот став е јасен: почитување на Уставот, почитување на законите и заштита на институционалниот поредок на државата. Потенцираме дека во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик.
Ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок. Особено е недозволиво преку таканаречени хибридни решенија да се создаваат преседани со потенцијално далекусежни последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите.
Токму затоа претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, побара лидерска средба со коалициските партнери, на која отворено и одговорно ќе се разговара за ова прашање, ќе се дефинираат принципите и ќе се утврдат црвените линии. Ние не бегаме од дијалог, но дијалогот не смее да биде параван за заобиколување на Уставот и законите.
Во однос на пораките и заканите упатени кон претседателот на ЗНАМ, вклучително и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, сметаме дека ваквиот речник е несоодветен, неодговорен и недостоен за избрани народни претставници.
Пратениците се избрани да ги застапуваат интересите на граѓаните во македонското Собрание, а не да испраќаат закани и да создаваат меѓуетнички тензии. Би сакале да го потсетиме господинот Ријад Шаќири дека пратеничката плата ја добива од буџетот на Република Македонија, кој го полнат сите граѓани, и Македонци и Албанци и припадници на сите други заедници.
Затоа, наместо да упатува несоодветни пораки и да се занимава со други држави, би било одговорно својата енергија да ја насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните на оваа држава. Што се однесува до навредливите квалификации на Аднан Азизи за ЗНАМ, сметаме дека тие повеќе зборуваат за политичката нервоза во неговите редови отколку за нашата политичка позиција.
Резултатите од последните локални избори во Брвеница, каде што кандидатот на ВРЕДИ не успеа да се пласира во вториот круг, се доволно јасна политичка порака. Нема потреба со навреди да се прикриваат изборните резултати и политичките слабости. Во однос на реакциите од ДУИ и најавениот бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово, жалиме што една свеченост посветена на градот и неговите граѓани преку шовинистички и сепаратистички наративи се користи за дневнополитички пресметки.
Ваквиот пристап на ДУИ не е ништо ново, затоа што тие и досега никогаш не присуствувале на ваквите настани негирајќи ги придобивките од НОБ. Куманово е град на сите негови граѓани, а почитта и соживотот се градат со меѓусебно уважување, а не со политички ултиматуми и бојкоти.
На крајот, сакаме да порачаме дека ЗНАМ нема да подлегне на притисоци, уцени и политички провокации. Ние сме за еднаквост на сите граѓани, но еднаквост во рамките на Уставот и законите.
За нас нема селективна правда, нема привилегирани политички субјекти и нема хибридни решенија кога станува збор за функционирањето на правната држава. Македонија мора да биде држава на закони, а не држава на политички пазарења. Тоа е нашиот принцип, нашата одговорност и нашата црвена линија.

