– Граѓаните на Општина Илинден до 25 ноември ќе можат да доставуваат предлози и иницијативи за подготовката на општинскиот Буџет за 2027 година, во рамки на процесот на партиципативно буџетирање што општината го спроведува со цел поголема вклученост на јавноста во креирањето на локалните развојни политики.
Како што соопшти Општина Илинден, здруженијата и правните лица ќе можат да учествуваат во креирањето на буџетот преку доставување предлози насочени кон подобрување на квалитетот на животот и развојот на локалната заедница.
Од Општината посочуваат дека преку ваквиот партиципативен пристап продолжуваат со заложбите за транспарентно, одговорно и отчетно управување со јавните средства, при што потребите и приоритетите на граѓаните се ставаат во центарот на буџетското планирање.
Заинтересираните ќе можат да ги достават своите предлози со пополнување анкетен прашалник, електронски на адресата [email protected] или лично во архивата на Општина Илинден најдоцна до 25 ноември.
Пристигнатите иницијативи ќе бидат разгледани од надлежните општински служби, а предлозите што се во согласност со надлежностите на Општината и се финансиски и технички изводливи ќе бидат земени предвид при подготовката на буџетските програми за 2027 година.
Од Општина Илинден ги повикуваат граѓаните активно да се вклучат во процесот и со своите предлози да придонесат во креирањето на идниот развој на општината.

