Министерот за правда Јетон Шасивари денеска остварил средба со новоименуваниот амбасадор на Турција во Скопје, Алпер Акташ, на која биле разгледани можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка во областа на правдата и поддршката на реформските процеси.
Како што соопшти Министерството за правда, Шасивари му посакал добредојде на амбасадорот Акташ и успех во дипломатската мисија, нагласувајќи дека традиционално добрите односи меѓу двете земји претставуваат солидна основа за развој на нови форми на институционална соработка.
Во фокусот на разговорите биле реформите во правосудниот систем, јакнењето на институционалните капацитети, како и размената на искуства и експертиза. Биле разгледани можностите за организирање специјализирани обуки, студиски посети и заеднички активности преку соработката меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и релевантните турски институции, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
Соговорниците разговарале и за соработката во справувањето со современите форми на криминал, вклучително и компјутерскиот криминал, при што била нагласена потребата од континуирано унапредување на професионалните капацитети во правосудството.
На средбата, Шасивари се осврнал и на своето неодамнешно учество на Меѓународниот самит за правда во Истанбул, каде што остварил билатерална средба со турскиот министер за правда Акин Ѓурлек. Притоа било оценето дека воспоставениот дијалог на министерско ниво отвора дополнителни можности за конкретизирање на заедничките иницијативи.
Двајцата соговорници изразиле подготвеност за продолжување на редовната комуникација и за интензивирање на соработката меѓу надлежните институции, со акцент на проекти и активности насочени кон модернизација на правосудството, поефикасни институции и зајакнување на владеењето на правото.

