На само 15 години, штипјанецот Марко Џорлев веќе има две светски шампионски титули. На листата на успеси од денеска овој средношколец го додава и највисокото признание, наградата „8 Ноември“, што ја доделува Општина Штип. Овој светски карате шампион е најмладиот добитник на ова признание, кое му се доделува за неговите спортски достигнувања и промоција на Штип и Македонија. За младиот шампион, ова е голема чест, но и поттик дека трудот и постигнатите резултати градот ги препознава дури и кај најмладите.
„Да бидам искрен, дознав од Фејсбук кога беше објавена информацијата пред неколку дена. Прво многу се израдував, потоа бев малку изненаден и се запрашав дали јас токму на 15 години ја заслужувам оваа награда. Иако ова беше потполно неочекувано, вложив многу труд години наназад. За Република Македонија и за град Штип ова е многу значајно и фактот што сум добитник на оваа награда го докажува тоа“, изјави Марко Џорлев, добитник на наградата „8 Ноември“.
Марко е најмладиот меѓу годинешните добитници на признанијата и наградите „8 Ноември“, кои се доделуваат по повод 82 години од ослободувањето на Штип. На свеченоста, градоначалникот Иван Јорданов порача дека денешната борба, но и обврска на оваа генерација, е да создаде град со иднина и можности за младите.
„Но таа борба започнува од секој еден од нас. Секој од нас има своја одговорност, свој придонес во семејството, на работното место, во заедницата. Само ако секој поединечно се труди да биде подобар, посветен и поодговорен, ќе можеме заеднички да создадеме општество на вистински вредности и напредок. Како локална самоуправа, нашата мисија е да го продолжиме патот на изградба и напредок“, порача градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Наградата за животно дело му беше доделена на долгогодишниот директор на фестивалот „Макфест“, Стојан Троицки. Признанија добија и граѓани и здруженија кои со својата работа и ангажман во изминатата година дале значаен придонес за развој на Штип.

