Камен-темелник за изградба на новиот систем за наводнување „Страиште“ беше поставен денеска во општина Валандово како дел од програмата за наводнување, што Владата ја спроведува преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со финансиска поддршка на германската влада и германската развојна банка КФВ.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, Борче Серафимовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ромео Тренов, директор на Управата за водостопанство при МЗШВ, Франк Милер, регионален аташе за земјоделство при германската амбасада, градоначалникот на општина Валандово, Ѓоко Камчев, како и пратеници и општински советници.

Програмата опфаќа проектирање четири нови системи за наводнување – Страиште, Лисиче, Конско и Пепелиште, со кои ќе бидат опфатени 13.000 хектари земјоделско земјиште. Основна цел на програмата е модернизација на системите за наводнување и воведување современи решенија за поефикасно и одржливо користење на водните ресурси.
Со овој проект ќе се овозможи земјоделците што ќе ги обработуваат своите ниви да имаат повеќе достап до вода, односно ќе имаат можност да дојдат до вода тогаш кога таа им е потребна – истакна премиерот Христијан Мицкоски.

– Имајќи предвид со каква ситуација се соочивме и што сè наследивме – разурната држава, уништени институции, систем што не постоеше, се трудиме приоритет по приоритет, еден по еден да ги решаваме проблемите и се надевам дека успеваме во најголема мера да ги решиме тие проблеми. Но она што е поважно е дека ќе има можност за повеќе реколта, повеќе земјоделско производство и, конечно, на крајот повеќе приходи за самите земјоделци. На тој начин се надеваме дека голем број од жителите во овој крај ќе се вратат повторно на нивите, ќе го заживееме земјоделството и ќе имаме поголемо производство на земјоделски производи, што претставува една од основните цели на работењето на оваа Влада – посочи Мицкоски.

Ромео Тренов, директор на Управата за водостопанство при МЗШВ, рече дека наводнувањето е клучниот фактор за зголемување на земјоделските приноси, без кое нема конкурентност на земјоделскиот пазар.
– По две години макотрпна работа, конечно дојдовме до почнување на изградба на системот „Страиште“. Овој проект, како и трите други за кои бил потпишан договор за финансирање уште во 2019 година, беше практично мртов. Поради нереализирање на овие проекти, државата исплатила поени во вредност од речиси 2,5 милиони евра, а реализирањето на соработката со КФВ беше ставена во прашање. Овој систем е од исклучителна важност за Валандово бидејќи опфаќа дури девет катастарски општини – нагласи Тренов.

Според министерот Борче Серафимовски, со изградба на системот Владата непосредно го поддржува развојот на земјоделските стопанства и создава можности за подобра заработка, а со тоа и подобра економска иднина на земјоделците.
– За земјоделците и овоштарите, тоа ќе значи подобри услови за примена на системот капка по капка, попрецизно дозирање и подобра контрола врз производството. Земјоделците нема да бидат оставени сами. Во рамките на проектот е предвидена советодавна поддршка и обуки за ефикасно користење на системот и приспособување на наводнувањето според својствата и влажноста на почвата – истакна министерот.

Франк Милер, регионален аташе за земјоделство при германската амбасада, смета дека поддршката за земјоделството не значи само обезбедување средства за живот и јакнење на руралната економија, туку и зачувување витален ден од идентитетот на регионот и земјата за идните генерации, а за проектите како овој во „Страиште“ вели дека се извонреден пример за силната соработка помеѓу двете земји.
– Современата инфраструктура сама по себе не е доволна. Водата е многу важен фактор и приспособувањето на климатските промени значи не само обезбедување пристап до вода туку и користење на секоја капка на најефикасен начин. Новиот систем е во согласност со најновите технологии – рече Милер.

Постојниот систем е изграден во 70-тите години на минатиот век, а новиот систем ќе опфати 1.423 хектари обработливо земјиште и ќе ги опслужува површините на Валандово со селата Собри, Чалакли, Раброво, Дедели, Казандол и Брајковци. Ќе се користат современи водоштедливи технологии во услови на климатски промени, ќе опслужува речиси 5.800 земјоделски парцели, а од системот директна корист ќе имаат приближно 6.500 жители од регионот. Новиот концепт предвидува да се изгради нова пумпна станица на местото на старата, со современи агрегати, нова хидромеханика и нови инсталации. Проектот ќе има современа дистрибутивна мрежа во должина од 64,5 километри цевковод под притисок преку кој водата ќе се доставува директно до корисниците. Во системот ќе се инсталираат 450 хидранти за наводнување опремени со водомери. Ќе вклучува и современ СКАДА-систем за автоматизиран мониторинг и контрола, што треба да овозможи следење на системот во реално време.

Имплементациски консултант на програмата е компанијата CES – Consulting Engineers Salzgitter GmbH, изведувач на градежните работи е фирмата „Жикол“, а партнер во проектот е Општина Валандово. Инвестицијата е вредна над 100 милиони евра. Седумдесет отсто од средствата се поддршка од германската банка КФВ, 80 милиони евра заем и 2,8 милиони евра грант за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите, а другите 30 проценти се од државниот буџет.

