Со помалку трошоци до сопствен дом. Со новиот ребаланс на буџетот на град Скопје, секој пар на возраст до 40 години кој сака да си изгради своја куќа ќе плаќа значително пониски суми за комуналии. Од први декември оваа година градот ќе покрива 60 проценти од надоместокот, а за целосно ослободување ќе биде потребна согласност и од општината во која ќе се гради куќата.
„Поддршката ќе важи за објекти до 120 квадратни метри, услов е партнерите да немаат ништо на свое име и услов е тоа што ќе го градат да е на име на двајцата. Како Град Скопје сметам дека значително ќе помогнеме ако земеме во предвид дека отприлика за еден таков дом околу 10.000 евра се комуналиите за градбаљ, Градот би помогнал со 6.000 евра. И ако тоа го превземе како пракса и ресорната општина од каде што ни доаѓа тоа барање, вкупно би значело дека им оставаме простор на младите да го опремат со мебел и се останато што им е потребно.“ – вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Поддршката за младите е само еден сегмент од финанскиот план на градот за годинава кој претрпе корекција. За разлика од претходните, овој пат средствата се пренасочуваат од непродуктивните трошоци кон капиталните инвестиции. Во фокусот е и образованието – Градската власт реконструира две нови училишта во Драчево и Ѓорче Петров, каде што со години недостасуваат соодветни услови за учење и следење настава. Оттаму посочуваат дека заштедите од кратење на платите, транспарентните јавни набавки и подоброто планирање овозможиле повеќе средства за важни инфраструктурни проекти, а наскоро ќе се уредува и влезот во главниот град. Градоначалникот најавува и отворен форум со сите генерации и невладиниот сектор фокусиран на мерки за младите каде што секој ќе може да даде свој предлог и идеја за проблемите и како да се решат истите.

