Во овогодинешниот извештај е забележан поголем напредок во однос на минатата година, особено во областите за дигитална трансформација, истражување, наука, образование, како и во преземањето чекори во владеењето на правото – изјави евроамбасадорот Михалис Рокас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
– Има напредок, особено во областите за дигитална трансформација, истражување, наука, образование и секако веќе видовме дека се преземаат значителни чекори во владеењето на правото. Донесени се многу добри закони и една година подоцна, да, гледаме напредок и тоа е јасно. Морам да повторам дека ова треба да го гледаме како една годишна вежба и фактот дека земјата веќе достигнала добро ниво на подготвеност. Очигледно сакаме да видиме уште повеќе напредок – рече Рокас.
Тој ги наброја позитивните работи за земјава, како што е усогласеноста на надворешната и безбедносната политика со онаа на ЕУ во време на сериозни предизвици, што, како што рече, покажува дека земјата е навистина сигурен партнер којшто ги споделува нашите стратешки приоритети.
– Македонија исто така веќе постигна значително усогласување со законодавството на ЕУ и останува една од кандидатките со највисоко ниво на подготвеност. Извештајот за 2026 позитивно го оценува развојот, што го спомена премиерот. Македонија го засили својот ангажман кога станова збор за Планот на раст на ЕУ и стана една од водечките земји со добри резултати во имплентација на Реформската агенда. Видовме напредок особено кога станува збор за дигиталната трансформација, науката и образованието, вклучително и преку усвојувањето на законот за електронски комуникации. Сепак, важно е да се направи разлика меѓу напредокот во Реформската агенда и пошироката проценка на извештајот. Извештајот за проширувањето ги опфаќа сите области од односот кон ЕУ, каде што напредокот е нерамномерен – кажа Рокас.
Според него, Извештајот ги идентификува областите каде што е потребна поодлучна и порешителна акција и дејствување – независно судство, силни институции и борба против корупцијата што се неопходни и клучни за членството во ЕУ.
– Пред се, тие се од суштинско значење за граѓаните и бизнисите. Извештајот покажува дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата со корупција во текот на извештајниот период. Ова бара посилни институции, ефективни гонења и истраги, како и опипливи резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво. Судската независност мора да биде заштитена со заштита на судиите и обвинителите, заштитата на слободата на медиумите и слобода на изразување, исто така се мошне важни. Потребни се понатамошни напори и кога станува збор за јавната администрација, јавните набавки, енергетиката и заштитата на животната средина. Овие реформи не се само барања за пристапниот процес. Тие се од суштинско значење за подобрување на животот на луѓето, за цврстување на довербата во институциите, како и создавање на можности за економски раст – нагласи Рокас.
Тој истакна дека Извештајот исто така потсетува на потребните чекори за унапредување на пристапните преговори.
– Исто така, уставните промени договорени во 2022 се уште не се завршени. Ова се обврски преземени од земјата. ЕУ е подготвена да заврши со отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат донесени промените. Ги повикуваме сите политички страни да работат активно и да напредуваат кон членството во ЕУ, што бара национални напори со значителен дијалог и соработка меѓу меѓу политичките актери и општеството. Нема причина да се чека за да се спроведат тие реформи кои од кои што граѓаните секако имаат корист. Во Планот за раст го гледаме тоа, затоа што ги носи придобивките од членството во ЕУ и пред тоа да се случи – рече тој.
Како дополнителни придобивки за граѓаните евроамбасадорот го наведе учеството на земјата на единствената зона за плаќања (СЕПА).
– Европската Унија ќе остане посветен партнер кој што ќе дава политичка, техничка и финансиска поддршка, но на крајот напредокот зависи од резултатите тука. Европската Унија останува целосно посветена на европската иднина на Македонија. Европа се соочува со длабоки геополитички предизвици, проширувањето стана уште поголем стратешки приоритет и инвестиција во нашиот заеднички мир, просперитет и стабилност. Проширувањето продолжува понатаму. Земјите што испорачуваат реформи и ги исполнуваат нивните обврски и прават опиплив напредок кон членството во ЕУ – рече Рокас.
Тој додаде дека Унијата ги препознава напорите на земјата, потенцијалот и аспирациите на народот.
– Нашата посветеност на вашата иднина во Европската Унија останува се уште цврста и непоменета. Извештајот за напредок за проширувањето 2026 е јасен патоказ за патот кој што е пред нас и сега е време да ги искористиме овие можности – рече Рокас.
На новинарско прашање во делот на слободата на медиумите, за тоа дека ЕУ не нотира оти медиуми, национални тв и новинари се под директна политичка закана од страна на опозициската СДСМ, Рокас одговори оти слободата на медиумите е областа каде што уште треба да се работи.
– Земјата треба да ја ревидира правната рамка во однос на медиумите за да ја усогласи со законодавството на ЕУ и стандардите на ЕУ, особено со воведување правила за целосна транспарентност за сопствеништвото на медиумите, за државното рекламирање, конкурентноста, државната помош, како и правата за интелектуална сопственост. Секако, сѐ уште има работи коишто треба да се завршат и очигледно областа поврзана со медиумите сметам дека го заслужува нашето целосно внимание и следиме сѐ одблиску и секако ги нудиме сите можни совети, кога тоа од нас ќе биде побарано и кога ќе не прашаат како ние можеме да придонесеме кон овие законски промени коишто ќе ги зацвррстат медиумите на најдобар можен начин.

