Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје денеска беше промовирана дигиталната туристичка платформа „Македонија 360“ (Macedonia360.mk), која овозможува виртуелно истражување на природното, културното и историското наследство на земјата преку 360-степени панорами, виртуелни прошетки и видео содржини.
Платформата, како што беше посочено на промоцијата, претставува национална интерактивна дигитална мапа со повеќе од 500 локации и над 10.000 панорами, организирани во категории, како населени места, природни знаменитости, археолошки локалитети, музеи, верски објекти, авантуристички дестинации, угостителски и туристички капацитети, како и мали агропроизводители. Платформата содржи и 360-степени виртуелни презентации на Музејот на македонската борба за самостојност и Археолошкиот музеј на Македонија, збогатени со аудионарација на македонски и англиски јазик, преку кои посетителите може виртуелно да се движат низ музејските простории и да се запознаат со историските содржини. Текстовите во платформата се достапни и во превод на четири јазици – англиски, албански, турски и српско-хрватски.

Платформата е реализирана од Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам преку конкурсот за проекти од областа на креативните и културните индустрии за 2026 година.
Авторот на проектот и претставник на Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, Бојан Тренчевски, истакна дека „Македонија 360“ е резултат на повеќегодишна работа што почнала со првите 360-степени панорамски снимки од воздух во 2015 година.
– Целта беше на едно место да ги обединиме туристичките, природните, историските и културните содржини, со можност посетителот лесно да ги пребарува, да ги пронајде на мапа, да добие информации за нив и виртуелно да ги разгледа. Денес таа идеја порасна во нешто многу поголемо – во дигитална туристичка мапа, која ги поврзува природата, историјата, културата, духовното наследство, туризмот и современата технологија – рече Тренчевски.
Тој посочи дека платформата претставува значително надградена верзија на проектот „Македонија на дланка“ и прераснала во „целосен дигитален водич за туризам, култура и историско наследство“.

– Ние во новиот проект „Македонија 360“ досега мапиравме повеќе од 500 локации наместо 300 првично планирани и тие се организирани во разни тематски категории. На овој начин сакаме Македонија да ја приближиме не само до домашните посетители туку многу повеќе и до странските туристи во светот – нагласи Тренчевски.
Според него, една од главните цели на платформата е да ги промовира и помалку познатите туристички локалитети во државата.
– Македонија има стотици помалку познати места кои заслужуваат внимание. Една од главните цели на „Македонија 360“ е токму тие места да ги направиме видливи и да му овозможиме на посетителот, додека истражува една позната дестинација, да открие уште неколку интересни локации во нејзина близина – рече Тренчевски.
Директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Анче Илиевска, оцени дека дигиталните технологии отвораат нови можности за промоција на културното наследство и за негово доближување до поширока публика.

– Токму затоа сметаме дека изработката на 360-степени виртуелна прошетка низ Музејот на македонската борба за самостојност претставува значаен чекор во неговата дигитална презентација – истакна таа.
Илиевска потенцира дека виртуелната прошетка е збогатена со аудионарација на македонски и англиски јазик и овозможува посетителите не само да го разгледаат музејскиот простор туку и подобро да ја разберат историската содржина на поставката.
– Нашата цел не е виртуелната посета да ја замени реалната физичка посета, туку да ја надополни, да ја збогати и да поттикне уште поголем интерес за музејските содржини – рече Илиевска.

Во рамките на настанот беше организиран и мал саем, на кој се претставија дваесетина агропроизводители.

