Со свечена програма и повеќе активности, Општина Валандово утре ќе го одбележи Денот на ослободувањето на градот.
Од Општината информираат дека свеченоста ќе започне со полагање цвеќе пред споменикот во паркот „Пеонија” во 10 часот, а од 11 часот е закажано свечено примопредавање на болничко возило, преку Центарот за развој на југоисточниот плански регион наменето за Здравствениот дом во Валандово.
Во 12 часот ќе се постави камен темелник за системот за наводнување „Страиште”. Попладнето од 18 часот во кино салата во Валандово ќе се одржи свечената седница на Советот на Општината и доделувањето на награди и признанија „6 Ноември”.
Прославата ќе заврши со јубилеен концерт по повод 80 години постоење на КУД „Гоце Делчев” Валандово кој ќе се одржи во фестивалската сала „Јанко Узунов” од 19 часот.
Празничните активности ќе продолжат и во сабота, кога Општина Валандово го организира 26. издание на Валандовската ракијада. Манифестацијата ќе започне во 9 часот на Градскиот базен.

