Реклама

Полициски специјалци во акција во Куманово – Се разбива организирана криминално-лихварска група

Хаос на европското небо – лажни дојави за бомби го пореметија авиосообраќајот

Димитриеска- Кочоска: Случувањата со Алта банка не се закана за банкарскиот систем

Евроамбасадорот Рокас ќе му го врачи извештајот на Европската комисија на премиерот Мицкоски

Уставни измени па се друго: Пофалби за реформите, ама очекувани услови за Македонија од ЕК

„Ралф АИ“ – Новиот македонски „CHATGPT„ за сметководители, правници и административци

Македонското здравство полека се опоравува-следат клучните проекти- болниците во Штип и Тетово, и новиот Клинички во Скопје

Граѓаните кои немаат платежни картички, а имаат сметки во „Алта Банка, од утре ќе може да подигнуваат пари

Чекор поблиску до Европската Унија преку реформи во локалната самоуправа

Сејф сити ја намали, националната стратегија треба да ја преполови, но и да ја сведе на нула

Мицкоски: „Гересхајмер“ планира нова инвестиција во Македонија, во декември можни и три други нови производни капацитети

Бугарија си има проблем- не може да прифати дека Македонците постојат

Економија

„Македонија 360“ – нова дигитална туристичка мапа на земјата со повеќе од 500 локации

Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје денеска беше промовирана…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје денеска беше промовирана дигиталната туристичка платформа „Македонија 360“ (Macedonia360.mk), која овозможува виртуелно истражување на природното, културното и историското наследство на земјата преку 360-степени панорами, виртуелни прошетки и видео содржини.

Платформата, како што беше посочено на промоцијата, претставува национална интерактивна дигитална мапа со повеќе од 500 локации и над 10.000 панорами, организирани во категории, како населени места, природни знаменитости, археолошки локалитети, музеи, верски објекти, авантуристички дестинации, угостителски и туристички капацитети, како и мали агропроизводители. Платформата содржи и 360-степени виртуелни презентации на Музејот на македонската борба за самостојност и Археолошкиот музеј на Македонија, збогатени со аудионарација на македонски и англиски јазик, преку кои посетителите може виртуелно да се движат низ музејските простории и да се запознаат со историските содржини. Текстовите во платформата се достапни и во превод на четири јазици – англиски, албански, турски и српско-хрватски.

Платформата е реализирана од Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам преку конкурсот за проекти од областа на креативните и културните индустрии за 2026 година.

Реклама

Авторот на проектот и претставник на Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, Бојан Тренчевски, истакна дека „Македонија 360“ е резултат на повеќегодишна работа што почнала со првите 360-степени панорамски снимки од воздух во 2015 година.

– Целта беше на едно место да ги обединиме туристичките, природните, историските и културните содржини, со можност посетителот лесно да ги пребарува, да ги пронајде на мапа, да добие информации за нив и виртуелно да ги разгледа. Денес таа идеја порасна во нешто многу поголемо – во дигитална туристичка мапа, која ги поврзува природата, историјата, културата, духовното наследство, туризмот и современата технологија – рече Тренчевски.

Тој посочи дека платформата претставува значително надградена верзија на проектот „Македонија на дланка“ и прераснала во „целосен дигитален водич за туризам, култура и историско наследство“.

– Ние во новиот проект „Македонија 360“ досега мапиравме повеќе од 500 локации наместо 300 првично планирани и тие се организирани во разни тематски категории. На овој начин сакаме Македонија да ја приближиме не само до домашните посетители туку многу повеќе и до странските туристи во светот – нагласи Тренчевски.

Според него, една од главните цели на платформата е да ги промовира и помалку познатите туристички локалитети во државата.

– Македонија има стотици помалку познати места кои заслужуваат внимание. Една од главните цели на „Македонија 360“ е токму тие места да ги направиме видливи и да му овозможиме на посетителот, додека истражува една позната дестинација, да открие уште неколку интересни локации во нејзина близина – рече Тренчевски.

Директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Анче Илиевска, оцени дека дигиталните технологии отвораат нови можности за промоција на културното наследство и за негово доближување до поширока публика.

– Токму затоа сметаме дека изработката на 360-степени виртуелна прошетка низ Музејот на македонската борба за самостојност претставува значаен чекор во неговата дигитална презентација – истакна таа.

Илиевска потенцира дека виртуелната прошетка е збогатена со аудионарација на македонски и англиски јазик и овозможува посетителите не само да го разгледаат музејскиот простор туку и подобро да ја разберат историската содржина на поставката.

– Нашата цел не е виртуелната посета да ја замени реалната физичка посета, туку да ја надополни, да ја збогати и да поттикне уште поголем интерес за музејските содржини – рече Илиевска. 

Во рамките на настанот беше организиран и мал саем, на кој се претставија дваесетина агропроизводители.