Банкарскиот сектор е стабилен. Уделот на Алта банка во вкупниот банкарски сектор е премал, за да предизвика какви било нарушувања. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вели дека воведувањето на администрација во Алта Банка е направено поради стечајот на најголемиот мнозински акционер во Србија, а не поради проблеми во работењето во Македонија. Нема големи јавни компании и акционерски друштва во сопственост на државата со главни сметки во Алта банка, за да дојде до прекин на одредени плаќања.
„Ние досега сме немале средба со гувернерот. Денес попладнево ќе имаме средба со него. Она што можевме да го направиме е лично да се јавиме кај дел од поголемите компании во државата, кадешто сметаме дека не дај боже, би можело да има што има одреден ризик за исплата на плати. Ниту една од тие големи компании нема сметка во оваа банка, такашто можам да кажам дека државните компании, оние АД, ЈП што се под државна капа на централно ниво, апсолутно ќе немаат никаков ризик“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министер за финансии.
Во врска со критиките за изборот на спорниот српски инвеститор во Алта Банка минатата година, Министерката за финансии вели немала никакви информации од Народната банка. Ниту за влез на Алта банка Белград, ниту пак, за некој друг заинтересиран инвеститор. За оваа процедура е надлежна Народната банка.
„Гувернерот не сум го ни слушнала кога го кажал тоа, но ние како Министерство за финансии не сме имале апсолутно никаква комуникација, не сме знаеле дека оваа банка имала преговори, ниту знаеме кои други институции и банки биле заинтересирани, такашто најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министер за финансии.
Случајот со Алта банка нема да ги одврати странските инвеститори од вложување во банкарскиот сектор. Токму напротив, откако објави намера за купување на 100% од акциите на Уни Банка, австриската групација Шпаркасе продолжува со процедурата за целосно преземање. Од банката се надеваат дека по добивањето на сите дозволи, процесот ќе финишира следната година. Оттаму не стравуваат од повлекување депозити. Велат тие биле зголемени за дури 13%. Од Шпаркасе засега не коментираат дали се заинтересирани за купување на Алта банка.
„Преземањето зависи од низа регулаторни одобрувања. Во овој случај е вклучена и Европската централна банка заради нашата групација-мајка инвеститор, локалните институции коишто треба да ги дадат одобрувањата, такашто би требало следната година, некаде првиот семестар би требало да се случи преземањето“ – вели Нина Неданоска – заменик претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија.
Доказ за довербата на граѓаните и фирмите во банките се над 11 милјарди евра што ги чуваат во нив. Од овие пари, дури 7,5 милијарди евра се штедни влогови на населението. Притоа депозитите растат со брза динамика од 9,2% на годишно ниво во септември. Сепак, финансиските аналитичари советуваат во секоја банка поединечно да се чуваат до 30 илјади евра, сумата која при евентуален стечај се покрива од Фондот за осигурување од депозити. Токму затоа треба да се штеди во повеќе банки за да се минимизира ризикот.

