Судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за одредување мерка притвор од осум дена за двајцата вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Обвинителството и МВР попладнево информираа дека во случајот со бришење и манипулации во електронскиот индекс се опфатени 44-годишниот Р.Т – раководител на е-индекс и 44-годишната М.М.Н – советничка на студентска архива од Универзитетот „Гоце Делчев“. Двајцата вработени ќе се гонат кривично за компјутерска измама и злоупотреба на службена положба.
Според МВР 44-годишниот Р.Т – раководител на е-индекс за различна сума пари, подолг временски период, на студенти од Турција им пријавувал испити по истекот на предвидениот рок, полагање испити по затворање на системот за пријавување испити, бришел и оценки и кредити на студентите во е-индекси со цел да запишат нов семестар или година, а внесувал и податоци дека наводно студентите ја платиле потребната школарина. При претресот во неговиот дом одземени се три лаптоп комјутери, четири телефони, усб стикови, документација како и пари. Со судска наредба извршено е пребарување на системот на е-индекс и системот на податоци на Универзитетот при што се пронајдени и одземени електронски податоци за извршени промени во тој систем.
– Но при тоа пронајдени се записи и за извршени промени во системот и од страна на 44-годишната М.М.Н. – вработена како советник на студентската архива и кај неа е извршен претрес на домот по дополнително издадена судска наредба, по што е лишена од слобода – соопштија од МВР.
Според Обвинителството двајцата вработени на штипскиот универзитет ова го работеле од 2021 до 2026 година, а како што наведуваат за сметка на тоа се стекнувале со материјална полза која во моментов се проценува на 21.000 евра.

